Погледнете! Ова се прилепските ангелчиња, кои од центарот на Прилеп ја пренесоа Божикната радост до секое срце!
Оваа година, под мотото: “Пренеси ја Божикната радост до секое срце!”, во Прилеп беше продолжена традицијата на „Бадникови поворки“ во Прилеп.

Низ улиците на нашиот град, насекаде се слушаа звуците на детски гласови кои пееја песни исполнети со надеж и благодарност, најавувајќи го раѓањето на Исус Христос и носејќи пораки за љубов и мир. Со срце исполнето со радост ги слушавме традиционалните песни: „Вечниот Бог“, „Тропар на Рожденство Христово“ и „Кондак на Рожденство Христово“.

Овие звуци се симбол на нашата вера, култура и наследство, кои со љубов ги пренесуваме на најмладите за да ги зачуваме за идните генерации.

Сакам да изразам голема благодарност до Здружението „Бадникови поворки“, сите организатори, учесници и најмладите кои со својата енергија и искреност ја разубавија оваа празнична атмосфера. Вашата посветеност и труд се доказ дека заедно можеме да ги чуваме нашите традиции и да ги славиме вистинските вредности кои не обединуваат како народ. Општина Прилеп останува посветена на поддршката на ваквите настани, кои не само што ја одржуваат нашата културна и духовна традиција, туку и нè потсетуваат на важноста на заедништвото, љубовта и верата во нашите животи. Нека оваа празнична радост допре до секое срце и донесе мир, топлина и среќа во вашите домови.Ви ги честитам Божиќните празници! Нека новата година ви донесе здравје, благосостојба и многу успеси! Чувајте ја верата, сакајте се и ширете добрина! За многу години! – порача прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.


















