Над 120 прилепчани кои работеа во Хрватска за време на летото, се очекува да се вратат дома наредната недела



Летото веќе заврши, а со сето тоа веќе привршува и летната туристичка сезона во Хрватска, каде што летово над 120 наши сограѓани работеа по хотелите во Хрватска лоцирани во туристичките градови. Како што истакнуваат некои од нив за STANICA.MK, месечно како плата му останувале најмалку 1.100 евра, паричен износ кој што мораме да признаеме дека не е за потценување, а трошоците за храна и сместување биле на товар на самите хотели каде работеле.
Ваквиот паричен износ се однесува на нашите сограѓани кои работеле како рецепционери и како кувари, меѓутоа оние кои “вешто се снаоѓале со англискиот јазик”, работеле како келнери и ги служеле странските туристи, од каде добивале добар бакшиш кој месечно како што истакнуваат достигнувал и до 300-400 евра. Тргнувајќи од ваквата пресметка, сума од 1300 – 1400 евра месечно во вид на плата не е за потценување, а кога сето тоа ќе се помножи по три месеци колку што работеа во Хрватска, тогаш се доаѓа до една убава парична сума со која што нивните семејства ќе поминат еден извесен период.
“Ова ни е единствената опција, имам над 35 години, Владата не дава и не отвора никакви нови работни места, нема инвестиции, па оваа работа во Хрвтаска ми беше единствениот излез да го прехранам моето семејство, кое со нетрпение ме чека наредната недела да си дојдам дома” -изјави нашиот соговорник преку viber врската која ја воспоставивме со него.
Како и да е, овие наши сограѓани наредната недела се враќаат дома, на кои што најмногу ќе им се израдуваат нивните семејства, а посебно нивните дечиња кои со нетрпение чекаат повторно да си ги прегрнат своите родители.


















