„Во оваа држава не се почитува најсветото – човечкиот живот!“, порачаа граѓаните на протестот за пожарот во модуларната болница
Претставници на семејствата на 14 граѓани кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово, под мотото „32 години, 32 години корупција што убива“, вчера во Скопје одржаа голем протестен марш поради (како што самите изјавија), незадоволството од работата и постапките на Обвинителството.
Насобраниот народ на протестот побара и отворање на судска постапка за причините на пожарот, како и повторно преиспитување на донесената пресуда од судот во Тетово.
Тие побараа разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески заедно со другите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, бидејќи сметаат дека се инволвирани во прикривање на делото.
Протестниот марш започна од пред плоштадот Скендербег, а заврши пред зградата на Јавното обвинителство.