ВО БИТОЛА НОВА УЛИЦA И НАД 100 НОВИ ПАРКИНГ МЕСТА
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес изврши увид на асфалтирањето на новопроектираната улица СТУ 3 која ги поврзува улиците „Глигор Прличев“ и „Рокдајл“. Улицата е со вкупна должина од 421 метар, а согласно проектот планирани се над 100 нови паркинг места во овој реон.
Вкупната вредност на инвестицијата во инфраструктурата изнесува 19.627.446 денари, а средствата се обезбедени од првиот повик на Владата преку Министерството за транспорт.
Претходно, во овој дел беше изведен сепаративен систем на канализационата мрежа за фекална и атмосферска канализација. Вкупната вредност на зафатот изнесува 7.469.131 денари, а изведувач на работите беше ЈП „Нискоградба“ со средства обезбедени од првиот владин повик.
Поставена е и нова водоводна инсталација чија вредност изнесува 2 милиони денари, изведена од ЈП „Водовод“ Битола со средства обезбедени од Буџетот на Општина Битола, како и комплетна електро инсталација за улично осветлување со вредност од 1.919.206 денари, финансирана од првиот повик на Владата.


















