Вечерва, основното музичко училиште Ордан Михајлоски-Оцка во НУЦК “Марко Цепенков” одбележа уште една успешна учебна година!

Вечерва, во НУЦК Марко Цепенков, музички беше одбележана уште една успешна учебна година на Основното музичко училиште Ордан Михајлоски-Оцка. Честитки за сите талентирани ученици и посветени професори, кои заедно го носите името на ова училиште, високо и достоинствено.
Пред присутните, вечерва се обрати и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески кој што истакна:
“Дозволете ми да им се заблагодарам на сите ученици за вашата посветеност и труд. Вашите настапи и успеси не се само резултат на вашите лични напори, туку и на поддршката и насоките што ги добивате од вашите професори. Вие сте вистински амбасадори на уметноста и музиката во нашиот град. Исто така упатувам искрени честитки до директорката и до сите професори и вработени во училиштето. Вашата професионалност, трпение и љубов кон музиката и кон вашите ученици се видливи во секоја нота што тие ја свират и во секој успех што го постигнуваат. Вие сте оние кои го водат овој „расадник за таленти“ и му овозможувате на секој млад музичар да го достигне својот целосен потенцијал.
Како Градоначалник на Прилеп, сакам да ја истакнам нашата посветеност кон унапредување на условите во ова училиште. Локалната самоуправа заедно со Советот на Општина Прилеп, ќе продолжи да го поддржува секогаш ова училиште и да инвестира во „Ордан Михајлоски-Оцка“, со цел да создадеме уште подобри услови за работа и учење. Веруваме дека со заеднички напори можеме да обезбедиме средина во која секој ученик ќе може да се развива и да ги остварува своите соништа. Уживавме во настапите на овие млади музичари, кои ни покажуваат дека иднината на музиката во Прилеп е светла и исполнета со талент” – истакна Јовчески.

