СРЕЌНО МАТУРАНТИ: Денеска почнува полагањето на државна матура

Матурата е многу значаен дел во образовниот процес во многу земји во светот. Државна матура е збир од повеќе екстерни и интерни испити со кои се проверуваат и се вреднуваат знаењата,вештините и способностите на учениците кои ги стекнале во четиригодишно средно образование.Резултатите од постигањата на учениците претставуваат основа за определување на позитивните страни, но, во исто време, и на предизвиците во образовните системи во светот. Добиените сознанија од овие резултати креаторите на образовната политика во нашата земја може да ги користат како патоказ за планирање на стратегии и за преземање на активности во функција на подобрување на квалитетот на образованието.
Денеска во 10 часот во средните училишта низ нашава земја ќе започне полагањето на првиот екстерeн испит – Мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година. За полагање на матурата, годинава се пријавиле вкупно 15 899 ученици кои завршуваат средно образование во Македонија. Врз основа на податоците на Државниот испитен центар, за тестот по македонски јазик се пријавени вкупно 11 060, за албански јазик 4308, додека пак за турски јазик 313 матуранти.Полагањето на вториот екстерен испит, е на 13 јуни од 10 часот, и истиот е по избор на учениците, а оваа година најмногу се пријавени по предметот англиски јазик, и тоа вкупно 14 320 кандидати. Резултатите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија оваа година. Тестот по мајчин јазик ќе биде на 10 август, а на 12 август испитот по изборниот предмет. Покрај екстерните испити, матурантите годинава имаат и два интерни испита, како и една проектна задача.


















