СЛЕДНАТА НЕДЕЛА Е ПРОЧКА: Простете, за да и вам Ви биде простено!
Следната недела на 17.03.2024 е Прочка – простете, за да и вам Ви биде простено!
На Прочка правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа и е потребен постот како средство за лекување, а колку е гнасно лакомството и непослушноста. Со примерот на Адам Светите Отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род.
И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет денови и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби. Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста на престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.