Quadruple Helix Forum“ организиран од Економскиот факултет – Прилеп
Денеска прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски, присуствуваше на „Quadruple Helix Forum“, организиран од Економскиот факултет – Прилеп, на кој уште еднаш се потврди колку е важна соработката меѓу академската заедница, бизнис секторот, студентите и локалната самоуправа.

Форумот донесе навистина конструктивни иницијативи и заложби од сите учесници, од ректорот, деканката и професорите, до претставниците на бизнис заедницата и самите студенти. Токму оваа разновидност на идеи и перспективи е темелот врз кој се гради посилна локална економија. Како локална самоуправа, целосно се стремиме да изградиме мост меѓу академијата и заедницата, меѓу знаењето и неговата примена. Економскиот факултет – Прилеп е столб на нашата интелектуална иднина, место каде младите учат да развиваат критичко размислување, да создаваат стратегии и да носат одговорни одлуки. Нашата општина, пак, е просторот каде тоа знаење треба да се претвори во дела.
Секој нов дипломиран студент значи нова сила, нова визија и нова енергија за Прилеп. Тоа е инвестиција што се враќа во облик на развиени бизниси, подобри јавни услуги и поодржлива локална економија. Затоа, неопходно е да продолжиме да ја негуваме оваа врска: работодавачите да останат отворени за младите, студентите храбро да се вклучуваат во заедницата, а факултетот и понатаму да биде извор на знаење и иновации. Само со заеднички напори можеме да создадеме услови младите да останат тука, да ја градат својата кариера во Прилеп и да придонесуваат за развојот на градот. Со нивното знаење, идеи и ентузијазам ќе градиме конкурентна, одржлива и современа економија. Како локална самоуправа ќе останеме посветен партнер во јакнењето на оваа соработка. Да ја претвориме оваа врска во движечка сила на напредокот на Прилеп – порача Проданоски.
















