Проданоски: Прилеп повторно ќе биде во центарот на европските карневалски случувања
Од 20 до 23 февруари, нашиот Прилеп ќе ја живее карневалската магија на „Прочка 2026“, година во која одбележуваме два значајни јубилеи – 25 години организиран прилепски карневал и 100 години од традиционалната заштитена маска „Прилепски мечкари“, препознатлива и наградувана ширум Европа и светот, а од 2019 година прогласена за нематеријално културно наследство.
“Особена чест ни претставува што годинава карневалот повторно добива меѓународен карактер, со присуство на претседателот на Федерацијата на европските карневалски градови, Ларс Алгел, како и бројни гости и учесници од повеќе европски земји. Најавени се над 500 учесници во групни и поединечни маски, како и прв настап на возобновениот дувачки оркестар „Прилеп“, кој повторно ја враќа препознатливата карневалска атмосфера во нашиот град.
Карневалската програма започнува на 20 февруари со традиционалната изложба на рачно изработени маски во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“. Следува детското карневалско дефиле на 21 февруари, а централниот настан меѓународната карневалска поворка, ќе се одржи на 22 февруари, кога најкреативните маски ќе бидат наградени од стручна комисија.
Карневалските денови ќе бидат исполнети со жонглери, кловнови, акробати, музика и забава под маски, а традиционалното одбележување ќе заврши на 23 февруари, на Чист понеделник, со заеднички ручек во манастирот „Св. Ѓоргија“ во Присад, симболичен почеток на велигденскиот пост и продолжување на вековната традиција на проштавање, радост и заедништво.
Обичајот „Прочка“ во Прилеп претставува значаен дел од етно-културниот идентитет на Македонија и уникатна појава на Балканот и Европа. Многувековното празнување во 2001 година прерасна во организирана културна манифестација – „Прилепски карневал“, а на 21 мај 2006 година карневалот официјално стана дел од европското карневалско семејство. Со ова јубилејно издание, Прилеп уште еднаш потврдува дека е град на традицијата, културата и живата народна радост, отворајќи ги вратите за посетители од земјата и странство да бидат дел од единствената карневалска атмосфера.
Ги поканувам сите љубители на карневалската уметност, традицијата и добрата енергија да бидат дел од ова големо јубилејно издание.
Да покажеме заедно дека Прилеп е град на културата, традицијата и искрената радост.
Ве очекуваме! – порача Проданоски.


















