Проданоски: Прилеп останува лидер во селекцијата на отпад во Македонија!
Прилеп останува лидер во селекцијата на отпад во Македонија – веста ја потврди градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски кој истакна:
“Браво за моите Прилепчани! Според најновото истражување на „Пакомак“, 49% од граѓаните на Прилеп селектираат отпад за рециклирање.
Овој резултат покажува дека добрите навики стануваат дел од нашето секојдневие и дека сè повеќе прилепски домаќинства активно се грижат за животната средина.
Затоа што селекцијата на отпад не е само прашање на систем и опрема. Таа започнува од секој дом, од секое семејство и од навиките што ги создаваме секој ден.
Нашата обврска е да обезбедиме услови тие навики да се развиваат.
Затоа продолжуваме да го унапредуваме системот за управување со отпадот.
Преку Министерството за животна средина и просторно планирање, за прилепските домаќинства се обезбедени дополнителни 8.318 канти од 120 литри за примарна селекција на отпад, како и 126 нови контејнери од 1,1 м³.
Обезбедени се и 9 специјализирани возила за собирање отпад, од кои 4 веќе се испорачани, а во тек е и набавката и поставувањето на 52 полуподземни контејнери на 21 локација, инвестиција вредна над 17 милиони денари.
Во рамки на кампањата на ЈКП „Комуналец“ „Чисто е убаво“, само за 60 дена, во процесот на селекција се вклучиле 680 нови домаќинства, а на граѓаните им се испорачани 1.280 канти.
Ова се конкретни чекори за подобар и пофункционален систем.
Но, секој систем има смисла само кога граѓаните го прифаќаат и го користат.
Затоа продолжуваме заедно.
Да селектираме.
Да се грижиме за градот.
Да создаваме подобри навики.
Чист и зелен Прилеп го создаваме заедно” – истакна Проданоски.


















