Денеска е Велики Четврток – денот на големите мачења и страдања на нашиот спасител Исус Христос
Од денеска-Велики Четврток, започнува еден поинаков плач на верниците, плачот од ужасната глетка на големите мачења, страдања и распнување на нашиот спасител Исус Христос. Кога се исполни времето и кога нашиот Господ требаше да ја испие до крај горката чаша на страдањата и смртта, Oн посака да им остави на Своите љубени апостоли, а преку нив и на сите нас, некаков дар, едно таинствено завештание во спомен на Неговата љубов, која сега оди на Крст.
А што друго можеше да ни подари освен Своето тело, Својата крв, Својата душа и Божество – со еден збор, ни се даде целиот Себеси. Животот Свој го даде за да може ние да живееме во Неговиот живот. За да имаме општење со Него. Нѐ собра мистично сите околу Себе во Горната одаја на Сион заедно со верните ученици-апостоли и тука засекогаш ни ја предаде тајната на Евхаристијата – ветувајќи ни го Царството што Бог – Отецот Му го остави во наследство:
„Земете, јадете, ова е Моето тело“. И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина, за прошка на гревовите“ (Матеј 26,26-28).
Одекнува и сега во нашите уши Неговиот мил глас: „Ова правете го во Мој спомен. Секогаш кога ќе служите Божествена Литургија вие ќе си спомнувате за Мојата љубов која оди до крај за вас и Бога. И приопштувајќи се кон Мене и вие ќе станете заедничари на таквата љубов“.
Стоиме занемени од восхит пред крајното снисходење на нашиот смирен Господ, Кој не го лиши од даровите ни оној што бесрамно прв пристапи да му ги измијат нозете, додека во мислите свои коваше страшни заговори и предавства. Оти пред да им го открие на апостолите оваа велико свештенотаинство, Создателот со крпа се препаша, се наведна и на Своето создание му ги изми нозете, давајќи ни и нам пример за пожртвувано служење. Но срцето Јудино, иако се нахрани од лебот на животот, остана заковано во своето среброљубие. Тој замина во ноќта на своето предавство и ужасна погибел, а Тајната Вечера го отвори патот кон Крстот. Горат срцата пред последната борба на Господа со злото и смртта, борба која може да извојува победа само со мечот на совршената љубов. Крстот ја доврши полнотата на таа несфатлива за нас љубов и го озарува со Божествен пламен она што го примаме во светата Причест, но само и само ако принесеме покајание како Апостол Петар и на прашањето „Ме љубиш ли?“ одговориме со „Господи, Ти знаеш дека Те љубам“.