Мицкоски: За 100 дена реализиравме повеќе од 100 проекти – продолжуваме 100% посветено за заедничка иднина
Премиерот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција истакна дека за 100 дена, новата Влада има реализирано повеќе од 100 проекти – и дека продолжуваат 100% посветено за заедничка иднина на сите граѓани. Меѓу другото, еве што истакна премиерот Мицкоски на денешната прес – конференција:
“Драги сограѓани,
Отчетноста и транспарентноста се фундаментални принципи на модерните демократии.
Тие се основата врз која граѓаните ги градат своите очекувања од својата влада и се механизмите преку кои се одржува довербата во институциите.
Во овие први 100 дена од изборот на новата влада, бевме соочени со реалноста и тешкотиите што ги наследивме. Долговите и злоупотребите од претходната власт оставија траги кои лесно не се надминуваат.
Наследената состојба беше многу полоша отколку што било кој очекуваше. Состојбите се далеку од идеални.
Наследивме 20 милиони евра дупка во образованието и колапс на проектот за бесплатни учебници. Наследена банкротирана држава и безредија, закочена изградба на автопатиштата, 4 милијарди денари долг кон земјоделците, 150 милиони евра долгови во здравството, 80 милиони евра дупка во ЕСМ, заостанати плати кои не беа исплатени во Македонски шуми и водостопанство.
Наследивме потрошен годишен буџет за само 6 месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горчливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме работите и да излеземе на вистинскиот пат. Нашата решителност да создадеме подобро и повеќе за тебе е поголема од било кога.
Првите 100 дена не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни: каде сме и каде треба да одиме и што е потребно да направиме за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас. Колку повеќе знаеме дека состојбата е пооптоварувачка отколку што очекуваме, нашата решителност станува поцврста.

Денешната цел е недвосмислена: 100 проценти посветеност кон реализација на проектите и исполнување на ветувањата. Овие 100 дена не беа лесни, но беа само почеток.
Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика.
Подготвуваме и екипираме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места. Работевме и подготвуваме стотици нови проекти. Се грижиме за сите. За најмладите, за нивното образование и за старите со првата половина од зголемувањето на пензиите и други нови проекти што ги планираме. Не ги забораваме ниту земјоделците, ниту работниците, ниту наставниците, професорите, лекарите. Обезбедивме за прв пат бесплатни учебници за сите на време, после долго време. За пасоши и лични документи нема редици, покачивме пензии, исплативме долгови и заостанати плати.
Секој ден се обидуваме да покажеме дека делуваме, дека сме присутни со активностите, но и да донесеме по некоја нова мерка и се обидуваме да се подобриме, да покажеме дека може поинаку и може подобро; и ние и вие заедно, со поддршка на општините се трудиме да покажеме, да ја развиваме државата и да обезбедуваме проекти кои ќе подобрат нешто и сето тоа го изодуваме секој ден за некого можеби мал, но сепак одлучен чекор, носиме некоја реформа, свесни дека очекувањата се големи и дека граѓаните сакаат брзи резултати.
За 100 дена реализиравме, донесовме или отпочнавме повеќе од 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.
За само 100 дена со 100 ПРОЦЕНТИ ПОСВЕТЕНА РАБОТА ОВОЗМОЖИВМЕ –
- Повисоки пензии преку линеарно покачување на пензиите на над 330.000 пензионери! Денеска веќе ја добија првата половина од линеарно зголемување, пензионерите од 2.500 денари, а втората половина линеарно зголемување ќе биде практично за мартовската пензија следната година, којашто ќе се исплати на почетокот на месец април 2025 година и со тоа ветувањето за 5.000 денари линеарно зголемување на пензиите е исполнето порано од тоа што беше ветувано за време на кампањата дека ќе се случи во првата година од мандатот, што значи дека во првите девет месеци од мандатот ќе биде тоа реализирано.
- Историски највеќе, 15 милијарди денари за капитални инвестиции за општините! Можам да кажам дека во овој последен квартал од годината ќе бидат инвестирани повеќе од 5 милијарди, близу 6 милијарди со програмите во поединечните министерства, денари. Тоа е отприлика околу 100-тина милиони евра, а можам да кажам дека за буџетот од следната година, веќе ќе бидат предвидени околу 15 милијарди денари или 250 милиони евра. Во овој прв повик, којшто го објави Министерството за локална самоуправа, пристигнати се 357 проекти од 80 општини за јавниот повик и многу бргу од денеска очекувам веќе до крајот на неделата сите тие да бидат дефинирани и да почне потпишувањето на договорите со ресорните министерства и реализацијата на овие проекти.
- Поевтини лекови преку проширување на позитивната листа со 9 генерици или вкупно 87 лекови! После повеќе од една деценија за прв пат имаме проширување на позитивната листа со што се намалуваат трошоците за пациентите, а се зголемува грижата за нив со поквалитетни лекови коишто овој пат ќе се најдат на позитивната листа, нешто што повеќе од деценија не се случуваше. И продолжуваме, на една од прес-конференциите со министерот Таравари овдека во оваа просторија најавивме дека и во месеците коишто доаѓаат ќе имаме исто така дополнително проширување на оваа позитивна листа во одредени периоди од годината.
- Донесовме како Влада одлука за вработување на 600 лекари, односно нови специјализанти, коишто ќе им биде понудена работа и веќе им се нуди работа во јавните установи ширум државата!
- За 100 дена 4 странски инвестиции во износ од повеќе од 600 милиони евра, коишто ќе значат нови 1.600 вработувања!
- Една од тие инвестиции, многу значајна, посебно за нашиот енергетски систем, а тоа е инвестицијата на „Aлказар Енерџи“, во вредност од половина милијарда долари американски, којашто ја најавивме на 25 јуни, тоа беше вториот ден од работа на оваа Влада и очекуваме веќе на 25 јуни следната година да биде поставен камен темелникот и да отпочне и физички градбата на оваа инвестиција, многу значајна од два суштински аспекти. Првиот е затоа што е чекот кон енергетска сувереност и намалување на увозот на електрична енергија. Целта на оваа Влада е веќе во 2026-та билансот, што се однесува на увоз и извоз на електричната енергија да биде еднаков на нула. Нешто што претставува историска цел, имајќи предвид дека сме увозно зависна држава. И второто е од 1.1.2026 почнува примената на карбон трејд механизмот, што значи тоа, тоа значи дека сите компании коишто од кај нас извезуваат во рамките на Европската Унија, мора да покажат дека производите коишто ги произведуваат се произведени со користење на зелена обновлива енергија. Ова е уште еден чекор кон реализирање и исполнување и на таа цел, со што нашите производи, нашите компании ќе ги направи уште поконкурентни, односно, нема да плаќаат дополнителни даноци.
- Тука исто така би ги потенцирал и германско-белгиска инвестиција „Епсотех Аим“, којшто инвестира во развојно истражувачки центар, алерт центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец. Вредноста е околу 20 милиони евра и нови 110 вработувања. Се сеќавате тогаш кога ја објавивме оваа инвестиција, поранешни членови на претходната влада на СДСМ и ДУИ рекоа дека тие ја подготвувале таа инвестиција, еве да не останеме должни, јас ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите оние коишто учествувале во подготовката на овие инвестиции. Жалам што во изминатите седум години не успеале да ја завршат таа инвестиција и се радувам што за помалку од еден месец ние успевме да ги довршиме сите тие преговори, да ги завршиме успешно и оваа инвестиција наскоро од денеска ќе биде реализирана, односно ќе биде поставен камен-темелникот со кое што ќе имаме нови 20 милиони евра во грин филд инвестиции и околу 110 нови вработувања.
- Потоа ако се сеќавате за време на посетата на Соединетите Американски Држави, кога беше НАТО самитот најавивме со раководството на „Вабтек“ инвестиција во вредност од 35 милиони евра и нови 100 вработувања.
- Исто така, пред некоја недела ја најавивме, односно ја отпочнавме, односно да бидам попрецизен, беше поставен камен-темелникот на нова инвестиција на германската компанија „BMZ Group“ за производство на литиум јонски батерии во вредност од 65 милиони евра и отворање нови 700 вработувања! Само колку за илустрација, бидејќи и за оваа инвестиција, исто така потрчаа од претходната влада да кажат дека тие биле тие коишто ја донеле, ја подготвиле, ја завршиле, а ние само сме се сликале, вчера имав состанок, веднаш по завршување на состанокот со Синдикатот за образование, со Министерот за економија и труд г-динот Бесар Дурмиши и разговаравме за тоа колкава помош треба да се додели и како треба да се додели за да оваа инвестиција заживее, бидејќи нели тие се завршиле, а во суштина ништо не завршиле. Тоа сакам да потенцирам дека вчера заедно со министерот Дурмиши практично ја утврдивме висината на помошта, која согласно правилник, тие ќе ја добијат и којашто им следува. Така што, тоа што се нивни празни зборови, нека останат да говорат само за нив, а ние продолжуваме со засукани ракави да работиме за доброто на сите граѓани.
- Обезбедени средства за исплата на К 15 за над 84 илјади вработени во вредност од 11 илјади денари, коишто не беа предвидени во Буџетот, а се предвидени сега со ребалансот на Буџетот.
- Потоа, исплатени се повеќе од 1,2 милијарда денари за заостанати субвенции од минатото и во годината којашто следи продолжуваме да ги враќаме и заостанатите и тековно да ги исплаќаме тие коишто се доспеани во тековната година.
- потоа, исплатени се заостанатите плати во износ од половина милијарда денари, меѓу нив би ги издвоил Национални шуми и АД Водостопанство, каде што работат повеќе од 3.000 вработени. Тамо знаете, тие веќе со месеци не земаа плати до формирањето на новата влада, четири месеци не беа исплатени нивните плати. Но, со ребалансот на Буџетот беа обезбедени средства и тие плати се веќе сервисирани.
- Исплатен е долг од 2 милијарди денари, имавме прес-конференција со директорот, со заменикот, со останатите официјални лица од Фондот за здравство, претходната недела и со големо задоволство можам да кажам дека од наследениот долг од 5 милијарди денари, веќе во периодот којшто следи, поради добрата организираност, поради тоа што имаме прегрупирање во ребалансот се обезбедени 2 милијарди денари, со коишто дел од старите долгови ќе бидат вратени. И ова се случува после повеќе од една деценија, за прв пат во Фондот за здравствено осигурување. Целта е да веќе во следната фискална година, целосно биде вратен овој долг.
- После 7 години, ќе повторам, се обезбедени бесплатни учебници за сите на време! Не беше како тоа што беше изминатите 7 години.
- Започнавме со Министерството за економија и труд една акција, којашто можеме да сведочиме дека е поздравена позитивно од страна на граѓаните, а тоа е „Помалку трошоци – повеќе за сите“ со којшто се намалени цените и маржите за неколку производи, потоа за училишен прибор, нешто коешто беше многу важно за семејствата.
- Понатаму ќе ве потсетам ги поевтинивме катастарските услуги, тоа што го поскапи претходната влада на СДСМ и ДУИ, оваа Влада го намали драматично. Тоа значи дека до милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните!
- Рекордно највисока откупна цена за сортите грозје Вранец и Смедеревка!
- Двојно повисоки субвенции за хектар јачмен од 6.000 денари на 12.000 денари!
- Во месец јули имаме споредено со месец јули 2023 година драматично повисока наплата на патарините на автопатите. Тоа е некаде отприлика околу 30%.
- Исто така тука би ја издвоил и работата на Царинската управа и Управата за јавни приходи. Царинската управа во месец јули постигна рекорд, за прв пат од постоењето имаме над 12 милијарди денари наплата, и тоа беше отприлика за повеќе од 30% споредено со јули месец 2023 година, во месец август отприлика исто како во 2023 но, со два помалку работни дена. А денеска, штотуку ја добив информацијата дека во месец септември имаме повеќе за 10% наплата на Царинската управа споредено со септември 2023 година. Слично се случува и во Управата за јавни приходи. Тамо во месец јули имаме рекордни 40% поголема наплата на даноците споредено со јули 2023 година. Во месец август е 15 и 17 проценти, за да овој месец веќе имаме повеќе од 23%, месец септември споредено со месец септември 2023 година.
- Издавањето на пасоши и лични карти, нешто што претставуваше понижување и беше надвор од човечкото достоинство, денеска е регулирано и е во рамките на законски утврдениот рок. Можам да кажам дека тоа што некогаш претставуваше предизвик, денеска претставува рутинска работа, што и треба да претставува, не треба тоа да претставува предизвик, но за жал во минатото тоа беше огромен предизвик.
- 20 милиони евра за реконструкција на студентските домови!
- Отпочната процедура за влез на нов трет мобилен оператор за пониски цени на услуги!
- Одлука за формирање на Совет за управување со јавни финансии!
- 200.000 нови патници во Македонија со новата финансиска поддршка за нови авио дестинации!
- Се сеќавате дека со ребалансот не нападнаа дека платите немало да растат. Државниот завод за статистика ги демантираше во јули месец платите продолжија и продолжија да растат засилено, но разликата споредено со времето на владата на СДСМ и ДУИ е тоа што овој пат инфлацијата не е повеќе од 20%, туку сега инфлацијата е најниска во регионот и една од најниските во Европа, односно само 2,2%. И продолжуваме со мерките и со политиките за интервенираме за истата да се намалува во периодот којшто следи.
- Индустриското производство после неколкумесечен пад конечно почна да расте во месец јули, од 3,8 проценти. Исто така и преработувачката индустрија, со истата динамика растеше во месец јули од 3,8 проценти. Продолжи преработувачката индустрија да расте и во месец август иако беше би рекол предизвикувачки месец со 1,1 процент. Иако за жал поради реформите коишто ги правиме во ЕСМ, вкупното индустриско производство во месец август е на 1,6 проценти во минус или јули и август ако се земе некој просек е 1,1 повеќе, додека пак вториот квартал месеците април, мај и јуни индустриското производство има просечен пад од 7 проценти. Падот што е во вториот квартал е 7 проценти, во третиот квартал е раст од 1,1 процент или во нето плус 8,8 проценти.
- Понатаму, откако беше констатирано незаконско работење на компании коишто приредуваат игри на среќа беа одземени лиценци за работа и приредување на игри на среќа, нешто коешто беше исто така предизборно ветување.
- Борбата против корупцијата продолжува. Имаме неколку случаи коишто пресумпција на невиност и поради тајност на постапката во овој момент нема да ги коментирам.
Понатаму се инвестирани многу проекти во делот на локалната самоуправа. Ќе издвојам некои од нив.
Тука е детската нова градинка во Општина Бутел. Потоа спортската сала во Општина Охрид, влезот во Битола, потоа имаме градинка детска во Трубарево Гази Баба, основно училиште во Кисела Вода. Потоа имаме нова детска градинка „Срничка“. Потоа имаме реновирано Одделение за дигестивна хирургија, нова апаратура во вредност од милион евра за Дигестивната хирургија. Нов пазар во Неготино, спортска сала Огњанци Петровец, доградба на градинка „Гоце Делчев“ Илинден, рекреативен центар во Бутел.
Понатаму, средства обезбедени за неколку проекти во рамките на потребите на општините, нешто што претставуваше цел и предизборно ветување.
И уште многу многу други проекти, во интерес на времето јас нема да ги повторувам сите. Но, во периодот којшто треба, ресорните министерства ќе си ги презентираат преку вакви слични прес-конференции” – истакна Мицкоски.

















