ЌЕ ВРИЕ ОД ПРИЛЕПЧАНИ! Црквата св. Петка во населба Точила вечерва и утре ја слави храмовата слава
На 08 август православните христијани го празнуваат празникот кој е посветен на Преподобната маченичка Параскева – св.Петка – родена е во Рим од родители христијани. Од детството беше научена на верата во Христа, а најусрдно ревнуваше да ги делотвори сите Божји заповеди.
По повод овој голем христијански празник, црквата св. Петка во населба Точила e подготвена за храмовата слава која ќе биде одбележана со литургија вечерта на 7-ми август и утрото на 8-ми август, кога е денот на храмовата слава на овој прилепски црковен храм.
“Драги верници, браќа и сестри во Христа, и ова 2026-то лето Господово, на 8 август (сабота), ќе ја празнуваме славата на нашиот свет храм. По тој повод, Ве покануваме заеднички да го почувствуваме духот на вековната православна традиција и со молитвена радост да го прославиме празникот посветен на нашата заштитничка и молитвена застапничка пред Христа – светата преподобна маченичка Параскева (Петка) Римјанка.
Молитвеното чествување ќе започне во петок, 7 август, со празнична вечерна богослужба, која ќе започне во 17:30 часот.
Чествувањето ќе продолжи во сабота, 8 август 2026, со Архиерејска Божествена Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски, г. Петар.
По завршувањето на Литургијата ќе се отслужи панихида во молитвен спомен за бранителите што ги положија своите животи кај Карпалак” – известуваат од храмот „Св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка“ – Точила.


















