Ќе има ли предвремени парламентарни избори??

Сподели го ова:


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ -Христијан Мицкоски, му фрли ракавица на премиерот Ковачевски, при што јавно го повика на средба на која што двајцата ќе се договорат за прецизен датум за одржување на предвремени парламентарни избори. Во прилог, еве што точно истакна Мицкоски:

„Не очекуваме и не бараме 100 дена грејс период за новата Влада. Едноставно, нема време за запознавање и анализи. Влегуваме во жарот на проблемите и предизвиците“- ова е изјавата на Димитар Ковачевски, дадена пред точно 101 ден или да бидам попрецизен кога беше избрана старо новата Влада со него како администратор.

Тој не побара грејс период, но јавноста, опозицијата, медиумите, критичарите го дадоа тој комодитет за да може да се размавне и да се прикаже резултати.

Но ако се прашувам лично, оваа влада нема легитимитет, ниту пак има нови 100 дена, затоа што таа најавтентично ги продолжи сите неуспеси и на сите погрешни политики на владата која речиси 5 години ја уништува Македонија ги продолжи. Процес во кој Македонија ја има се помалку, а животот е се потежок, во економијата, земјоделието, образованието, здравството, енергетиката, надворешната политика.

Никогаш повеќе немало ѕидови на поделби, на наши и ваши, на припадници на една заедница, наспроти припадници на друга заедница како во овие 100 дена. Повторно се разговара за проценти, се пребројуваме, се збори за бадинтер, за балансер. Имаме борба на тоа чив триумф на суети е поголем во време кога Македонија и народот на Македонија за жал ги има се помалку.

Ако овие 5 години Македонија се уништуваше чекор по чекор, овие 100 дена имаме целосно разградување и разграбување на тоа што преостана. Како на забрзана филмска лента. Поскапа струја, парно, превисоки цени во маркетите, инфлација, милионски задолжувања, енергетска криза, здравствена криза, криза во образованието. И не велам дека причините се создадоа само во овие 100 дена, туку тлееа, се натрупуваа нерешените проблеми цели 5 години.

Прв пат во историјата имаме министри кои народот не ги познава. И таквата незаинтересираност и непознавање не е вина поради народот, туку поради невпечатливоста, неавтентичноста и непрепознатливоста на првите луѓе во ресорите.

Па оттука сакам да го поставам прашањето знае ли некој како ве вика вицепремиерот за водење на политики за добро владеење  во оваа влада? Има таков ресор, ама јас сум сигурен дека името на овој министер, вицепремеир ретко кој го знае.

Го видел ли некој или слушнал или како се вика, пак знае министерот за животна средина и просторно планирање.

Направиле ли некој настан, промовирале ли некоја политика за граѓаните министерка за труд и социјална политика или оној министер на ДУИ за образование и наука кој патем да не беше протестот и заканите со кривичен прогон по просветниот кадар кој протестира немаше да знаеме дека воопшто постои?

Ако Заев ја доведе Македонија до дното, Ковачевски покажува дека дното можел тој да оди и подлабоко.

Јавноста не ги знае имињата на министрите, ама овие 100 дена ги продолжија старите навики, на тендери во четири очи, на криминал, корупција и неспособност.

Овие 100 дена се показател дека народот живее крпен живот.

100 дена на растечка сиромаштија и галопирачка инфлација.

100 дена на покачени сметки и на давачки. На раскчмување на идентитетот и трговија зад затворени и отворени врати.

100 дена живот во национална катастрофа.

И еве зошто со оваа Влада овие 100 дена имаме живот ќе повторам во национална катастрофа:

Оваа влада најави ново задолжување од цели 900 милиони евра, повторувам 900 милиони евра и обнова на односите со ММФ, нешто што беше напуштено пред речиси 15 години. Со овој заем Македонија влегува во должничко ропство, повторувам должничко ропство кое ќе ги опфати и се уште неродените чеда на Македонија. И овие пари нема да се користат за нови автопати, нови училишта, нови градинки или болници. Не, ова се пари кои што ќе ги потроши оваа Влада за да ги покрие дупките во Буџетот кој што немилосрдно го краде и раскрчмува. Овие пари нема да завршат за нови повисоки плати, пензии, туку ќе повторам за тековни трошења, за повеќе луксуз на министрите, за повеќе тендери во четири очи, за нови пари во приватни џебови.

И најголемиот проблем за секој еден човек се токму скапите цени на производите, наспроти ниските плати. Додека владата пак не превзема ништо.

Бензините за две години се зголемени за повеќе од 80%;

Килограм шеќер е има повисока цена за 36%;

Килограм брашно 83% повисока цена;

Литар масло за јадење 107% повисока цена;

Литар млеко е 47% повисока цена;

Струјата поскапе за повеќе од 30 проценти за две години, а поскапе и парното. Државата влезе во силна енергетска криза.

100 дена на протести, бунтови, насолзени очи на земјоделци. 100 дена во кои матичните лекари протестираа за поголеми права. Период во кој е незадоволна и државната администрација. Време кога и припадниците на МВР протестираа за поголеми права, исто како и вработените во Управата за матични кнгии.

Трудот на земјоделците пак остана неисплатен. Се увезе пченица од Србија, иако Владата лажеше дека имаме стабилни стокови резерви и помош не ни требало. Оризопроизводителите протестираа и за тоа беа приведени во кочанската полиција, додека ѓубривото поскапе за повеќе од 100 проценти.

И сакам кратко за штрајкот на вработените во просветата. Навистина ми е жал што Владата овие 100 дена не ги поддржа законите кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот за повисоки пензии, повисоки плати на администрацијата и просветниот кадар. Сакам да искажам недвосмислена и апсолутна поддршка на просветните работници и нека биде јасно, ќе го поддржиме секое решение кое ќе биде во насока на поголеми права, повеќе плата за овие луѓе за подобар и за подостоинствен нивен живот. И навистина ги гледам како глупави и неважни обвинувањата дека политички бил мотивиран штрајкот, затоа што борбата за стандардот на оние кои создаваат иднина не е само наше право, туку и обврска.

Сведоци сме дека изминативе денови дека јуришникот на ДУИ, министерот во министерството за образование и наука и силно мотивираните режимски директори во делот училиштата низ Македонија и во Скопје се заканува и се обидува на тој начин да ги заплаши вработените просветни работници, но и учениците. Мојата порака до него, но и до режимските директори дека ова ќе заврши, ќе има одговорност. А, мојата порака до професорите и до наставниот кадар е никој не смее да ве плаши се додека борите чесно и достоинствено за вашите права. Аеродром не е на ДУИ и на СДСМ. Во Аеродром градоначалник е од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е слободна територија. Тетово, не е ДУИ и СДСМ, таму е градоначалник од Беса и тоа е слободна територија. Гази Баба, Ѓорче, Кочани, Велес, Гевгелија, Виница и останатите 50 општини во Македонија не се градоначалници на ДУИ и СДСМ, тоа се слободни територии, таму нема хибриден режим, таму се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. И се додека се борите за вашите права, ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе застанеме позади вас, нас ни требаат мотивирани луѓе, кои што ќе ги образуваат нашите деца за да можат да ја градат Македонија онака како што таа Македонија заслужува да биде.

И додека сето ова се случуваше, Владата што направи?

Владата купи за Ковачевски нов прибор за јадење, 88 евра за позлатена  чинија, а 10 евра за позлатен нож. И така неколку стотици парчиња. Додека се зајмува владата за нови 900 милиони евра заем, а народот гладува, Агенцијата за храна и ветерина објавува тендер за изградба на нова зграда од 8.3 милиони евра. Повеќе 2.5 милиони евра во ек на пандемија и економска криза потрошени за луксузни возила. Нов мебел за институции од владата од 300 илјади евра.

И ова не го покажувам како израз на ниски страсти, туку со чувство на страшна мачнина за отсуството и оделепеноста на владата од реалноста. — Живот во национална катастрофа во кој Македонија ја има се помалку. Живот на рати.

Неприфатливо е дозволувањето на оваа влада, да се мешаат соседните држави во нашите внатрешни работи, па сега откако ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на Петков, кои се за негова домашна употреба. Петков штити свои државни интереси, проблемот е што недостасува заштита на македонските интереси.

Зад овие интереси не стои нашата држава и нејзините институции. И ако условот е да се исполнат сите бугарски барања кои ќе значат исполнување на нивната бугарска декларација, на наша штета, тоа е нешто со кое ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи ниту пак да се помири. И ако има отворање на Уставот чин со кој е предвидено дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата на истиот ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без  претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик, без вештачки фусноти, за нашата посебност и културна различност. Повторувам, да се знае сега, нема тоа да го поддржиме и нема тоа да помине.

Јас сум апсолутно свесен дека Ковачевски е подготвен да потпише се само чека да види дали Петков ќе може тоа да го помине во Бугарија. И тоа најверојатно во овој пластелин, наш вештачки парламент ќе помине, но за промени во Уставот им требаат две третини, тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи.

Слушаме за чувствата на Бугарите, слушаме за приказните на Петков за добрососедсво чии дела не ги гледаме, слушаме и за канонадата на асимилаторски изјави за кои никој во државата не реагира, за лекциите за исполнети критериуми, исполнети прашалници, а го поставил ли некој прашањето за чувствата на Македонците во Македонија, на овој народ кој скаменето чека за иднина која ја нема, и бара достоинство кое му  го продаваат, и за Европа која никако да дојде.

Овие работи иако болат, мора да се знаат. Исто како што треба да се знае дека за секој чекор на ВМРО-ДПМНЕ потребно е национално единство и обединување. Барам и испраќам до народот на Македонија порака на обединување и висока свесност за состојбите, зошто секоја грешка од сега понатаму ќе биде скапо платена.

Овие 100 дена на живот во национална катастрофа, е и живот исполнет со криминал и скандали.

Видовме како генералниот секретар оди по стапките на претходниот генерален секретар, и тоа со договор во 4 очи, за нова милионска зделка, додека вработените во Македонска пошта штрајкуваат за плати.

Видовме и како МВР на Спасовски дава половина милион евра на транспортната фирма што набавуваше 2 машини за перење од над 25.000 во Ѓорче Петров. Непостоечка фирма направила милионски профит од лифтови. МВР ангажирала фирма за набавка на компјутери чија ќерка фирма е на црната листа на САД, а цел ден полна устата име со нашиот стратешки партнер и некакви европски вредности. Исчезна канабис од фабрика за марихуана и нема одговорен за тоа, како и цел арсенал на оружје кој исчезна од депото на МВР. Младиот живот на хрватскиот ракометар згасна, додека убиецот побегна под чудни околности, а благодарение на притисокот од јавноста потоа институциите мораа да делуваат. Го слушам и она отсутно фалење на Ковачевски дека овие сто дена имало напредок бидејќи само 4 животи згаснале во сообраќајќи. Замислете со што се фали.

И ова е само мал дел од низата на скандали, а да не зборувам за оние 5 годишни скандали, рекети, туциња на пари, неисполнета правда и криминал за кој и 5 години вклучително и оваа не пишуваат како заробена држава со најголема корупција во Европа. Само ќе ве потсетам на бројчаникот. Дали некој се сеќава што се случи, дали некој го запали, дали некој виде некаква сума таму? Сума има, ама во џебот на едно семејство во југоисточна Македонија

Драги пријатели,

Ова е најболната дијагноза на нашето општество и овој живот во националната катастрофа. И сето што досега го зборев е нашето искуство од присуството на терен во рамките на акцијата „ПРОМЕНИТЕ СЕ СЛУЧУВААТ, СЕКОГАШ СО НАРОДОТ“.

И има многумина кои прашуваат, а што правите вие како опозиција? ВМРО-ДПМНЕ овие 5 години е на самиот браник на државата, со сите бури, ветришта и удари со кои се соочивме.

И не, оние кои веруваат, туку оние кои ја потхрануваат оваа идеја „што правите вие”, се истите оние апологети кои имаат за задача да шират теза дека сите се исти, кога ние сме потполно различни и да не помешаат со истото она затруено диво месо од власта, за да ги намалат предаствата и вината на власта за сето ова што се случува. Тоа се истите оние апологети кои имаат за цел да одлучува Речица за иднината на Македонија, тоа се истите оние кои допринесуваат повеќе тендери во 4 очи, тоа се истите оние кои го делат македонското ткиво и тоа се истите оние апологети кои имаат за цел да го поделат народот на Македонија, без разлика на нивната етничка припадност.

Затоа барам обединување, општествено обединување и поддршка околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Да можеме да ги поразиме на следните предвремени парламентарни избори, за да може грешките од изминативе 5 години да ги исправиме и да може Македонија да се развива како пристојна европска држава каде што нема мафијашки банди да царуваат на улиците и да ни ја трујат младината со наркотични средства, каде што нема канабис да исчезнува, каде што нема има тендери во 4 очи, каде што децата ќе ни се вратат, каде што ќе има странски инвестиции како некогаш да бидеме рекордери во регионот, а не на дното, каде што капиталните инвестиции ќе бидат во стотици милиони евра.  Тоа е Македонија која што ние ја нудиме и бараме општествено обединување околу овие политики.

Барам да бидете сите вие високо свесни, целосно да ги разберете околностите во кои се наоѓа Македонија и важноста за тоа дека сега во овие моменти сите ние немаме право на грешка, бидејќи грешната проценка, раситнувањето на обединетата сила на народот прескапо ќе ја чини земјата, но и дека кога најтешко ВМРО-ДПМНЕ секогаш било со народот, со Македонија, па дури потоа сме ги ставале партиските интереси во фокусот.

ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и не го заборавајте моментот дека ВМРО-ДПМНЕ постои за Македонија. И мојата цел е да се обедини народот, на едната страна, ние обичните луѓе на нашата Македонија, на другата, осамени тие корумпираната елита од власта која мора да падне!

Не е нормално премиерот да нема комуникација со лидерот на најголемата политичка партија.

Не е здраво ниту за демократијата, ниту за заедничката иднина на сите граѓани да не смогне храброст да се соочи со мене, во очи, во очи за најважните прашања, па и да излаже дури и за тоа дека првиот состанок на кој ќе биде избран, на начин на којшто беше избран ќе бил со лидерот на опозицијата.

Затоа денес јавно и отворено предлагам до Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараме и ќе договориме, датум за одржување на предвремени парламентарни избори како природно решение за состојбите во Македонија.

На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја.

Четири тима кои ќе работат заедно со тимови од власта во меѓу периодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно без никакви права и привилегии. Тука сме да и помогнеме кога на Македонија и е најтешко.

И тоа првиот тим  во делот на економијата ќе го предводат двата потпретседатела на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот пратеник и потпретседател Владо Мисајловски и потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска. Во тимот ќе бидат како предлог професорот Трајко Славески, членот на ИК Маја Кадиевска Војновиќ и поранешниот министер и вицепремиер на владата Зоран Ставрески.

Вториот тим е за надворешна политика и преговорите поврзани со нашиот источен сосед, ако има што уште да се преговара бидејќи според информациите кои што доаѓаат до нас веќе Ковачевски се аминувал, тука ги предлагам двајцата потпретседатели Александар Николоски и Тимчо Муцунски, потоа претседателот на собраниската комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, амбасадорот Марјан Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска Давкова.

Третиот тим во делот на здравство каде што мислам дека е потребно огромна поддршка во овој меѓупериод за да им се помогне пред се на граѓаните да имаме хумана мисија, да нема партизација, да нема поларизација, и тука тој тим ќе го предводи вонреден професор, доктор Игор Николов, дел од тој тим ќе бидат и пратеникот доцент доктор Синиша Стојаноски, потоа членот на ИК доцент доктор Ристе Симеонов, потоа доктор специјалист Игорче Џиковски и примариус доктор Жаклина Шопова.

Четвртиот тим ќе биде тим кој што ќе им помогне во делот на образованието, него ќе го предводи професор доктор Весна Јаневска, а во тимот ќе бидат пратеничките Бети Стаменковска и Благица Ласовска. Исто така во тим ќе биде насловниот доцент Христина Серафимовска, како и членот на ИК на партијата магистер Марија Митева.

Ова нема да биде шведска маса, на која премиерот може да бира што му се допаѓа, а да одбива тоа што не му допаѓа. Туку пакет се за подобра иднина на Македонија. Дефинираме дата, а во меѓупериодот овие луѓе се тука, про боно, без привилегии да и помогнат на Владата, без партизација, без политизација, за да можат да се решат акутните проблеми во општеството и да ги ослободиме граѓаните од тензијата во која што живеат. А, потоа на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има.

Не барам да брза, нека размисли, знам што ќе го советуваат веднаш треба да одбие, нека не одбива и нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе и очекувам одговор во следниве десет дена, нека биде краен рок десетти мај, вторник. На таа средба да разговараме и за актуелните прашања поврзани со изборите, но и за она останато кое што е важно и кое што граѓаните го очекуваат од нас. 

Македонија е земја на слободни индивидуи, непрегор на татковците кои се бореа за нашата кауза, и наша света обврска таа борба да донесе иднина. Затоа доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори. Доколку биде одбиена средбата ќе се покаже дека државата има отсуство на било какво лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето. Затоа што сето ова како што имаше почеток има и свој крај. И порака до меѓународните пријатели алармот одамна веќе свети на црвено. Народот треба да биде спокоен, доаѓаат подобри времиња. Доаѓаат промени. Да живее Македонија!”-истакна Мицкоски





Сподели го ова:

Слични објави