ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ: Од утре, Битола две недели ќе празнува преку песната и фолклорот!
Под слоганот “Денес за утре“ од 18 до 31 јули во Битола ќе се одржи најновото 55 издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“- Битола. Во 1971 година, во Македонија, една голема идеја, една желба на група стручни луѓе, ентузијасти, сонувачи, визионери, стана стварност. Се создаде жариште, вруток, срце на еден културен организам, кое што силно пулсира, мотивира, иницира, поттикнува, едуцира.

Во 1971 година, во Битола се воспостави Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” во Битола. Фестивал со симболично име, племенита мисија и со длабоко осмислени и втемелени цели и критериуми. Фестивал посветен на највредните човекови креации кои што ги издржале вредносните критериуми низ вековите. Фестивал кој што ја презентира, афирмира и документира тапијата на бесценетата народна културна традиција. Илјадници народни уметници, милиони посетители, безброј фотографии, аудио, видео записи, мелографирани материјали, документи за идните генерации. Реализирајќи ја својата мисија, фестивалот праќа пораки на сите четири страни на светот и привлекува вљубеници во автентичните вредности на културното наследство.
Но и после толку години, почетокот е тука, затоа што и новите генерации треба да ги научат и да ги развеат “Тешкото”, “Копачка”, “Невестинско”, “Комитското”.


















