(фото) Охрид, градот кој гордо сведочи за незаменливите македонски убавини
Градот Охрид е нашиот незаменлив “Македонски Ерусалим”. Охрид е градот кој сведочи за големата македонска историја која гордо и достоинствено го отсликува нашиот македонски народ. Заради извонредните универзални природни, културни и историски вредности кои се огледаат во вековната синтеза на исконската природа и древното градителско наследство, одамна познато и признаено во светот, Охридското Езеро и градот Охрид со сето свое културно наследство се ставени на листата на Светското наследство на УНЕСКО.

Најпрвин, во 1979 година, Комитетот за светско наследство одлучи во листата на светско наследство, под природниот критериум (III), да влезе и Охридското Езеро, односно делот што ѝ припаѓа на Македонија (тогаш во рамките на СФРЈ). Наредната, 1980 година, Комитетот одлучи да го прошири заштитеното подрачје на Охрид вклучувајќи ги и културните и историските вредности, според културните критериуми (I), (III) и (IV), под името “Охридскиот регион со неговите културни и историски аспекти и неговата природна околина.” На барање на Република Македонија, на Триесеттата седница на Комитетот за светското наследство, во 2006 година, името на заштитеното подрачје на Охрид е изменето во: “Природното и културното наследство на Охридскиот регион”.


















