Денеска започна програмата од годинешниот прилепски карневал со изложбата на рачно изработени маски од учениците од основните и средните училишта
Започнуваме со прилепскиот карневал „Прочка 2026“!
Со изложбата на рачно изработени маски од учениците од основните и средните училишта во Прилеп која беше поставена во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ денес започнааа активностите за карнеавлот „Прочка“.

“Над 300 традиционални и модерни маски беа дел од оваа прекрасна изложба, со која ја одбележуваме 25-годишнината од карневалот „Прочка“ и 100 години од постоењето на уникатната традиционална маска „Прилепски мечкари“.
Горд сум што традицијата продолжува да живее и да се надградува. Најубав доказ за тоа беа најмалите, маскирани како „Прилепски мечкари“, кои со својата радост и енергија ја збогатија изложбата, а веќе од утре ќе бидат дел и од карневалските случувања во нашиот град.
Утре, сабота, во 12:00 часот започнува Детскиот карневал, а в недела, на 22-ри – Прочка, во 13:00 часот, целиот град ќе биде под маски!
Оваа година на карневалот „Прочка 2026“, пријавени се над 500 групни и поединечни маски, а карневалот има и меѓународен карактер, ќе учествуваат карневалски групи од земјава и од странство, а програмата ќе ја збогатат жонглери, кловнови, акробати и куклари.
Во оваа прилика им честитам на наградените, како и на сите ученици и наставници за нивната посветеност, ангажираност, креативност и иновативност во изработката на маските. Вие сте чувари на традицијата, но и нејзини современи креатори.
ГРАН ПРИ НАГРАДА
Димитар Седлоски – ООУ „Блаже Конески“, за маската „Изгорена шума доби човечки лик“
НАГРАДА ЗА ЈУНИОР МАСКА
Детска градинка „Наша Иднина“ – група „Ребончејца Јуниор“, „Крал Рециклирко“
НАГРАДА ЗА НАЈДОБРА МАСКА (1–5 одделение)
ООУ „Добре Јованоски“, IV-2 одделение – „Прилепски мечкар – чувар на традицијата“
НАГРАДА ЗА НАЈДОБРА МАСКА (6–9 одделение)
I место – Ивана Проданоска, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“
II место – Јован Дамјановски, ООУ „Кочо Рацин“
III место – Алдин Хајровиќ, ООУ „Пере Тошев“
НАГРАДА ЗА НАЈДОБРИ МАСКИ ВО СРЕДНИ УЧИЛИШТА
I место – Сара Блажески, СОУ „Гимназија Мирче Ацев“
II место – Стефани Димова, СОУ „Ѓорче Петров“
III место – Марија Андоновска, СОУ „Гимназија Мирче Ацев“
НАГРАДА ЗА ТРАДИЦИОНАЛНА МАСКА
Даниел Велкоски – ООУ „Пере Тошев“
НАГРАДА ЗА НАЈИНОВАТИВНА МАСКА
I место – Леонид Јанкос, ООУ „Блаже Конески“
II место – Лина Антоска, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“
III место – Валентин Костоски, ООУ „Гоце Делчев“
Прилеп уште еднаш покажува дека знае да ја чува традицијата, но и да ја слави креативноста.
Ве поканувам сите да бидете дел од „Прочка 2026“, да го исполниме градот со боја, радост и позитивна енергија!” – порача прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.


















