Чонески: Нашата цел е јасна, креирање на конкурентна, автентична и одржлива туристичка понуда
Во соработка со Швајцарската програма „Increasing Market Employability – IME“, поддржана од Embassy of Switzerland in North Macedonia, денес се организираше работилница за зајакнување на партнерството помеѓу јавниот и приватниот сектор и постигнување заеднички резултати во развојот на туристичката понуда во Општина Крушево.
“Како градоначалник на Општина Крушево, со особено задоволство ја споделувам денешната иницијатива која претставува уште еден значаен чекор во насока на стратешки и одржлив развој на туризмот во нашиот град.
Работилницата ја предводеше експертот од Швајцарија, Olivier Currat, кој со своето долгогодишно искуство ќе придонесе кон отворање на нови перспективи и современи пристапи во туристичкиот менаџмент.
Присутните претставници од приватниот сектор имаа можност за директна дискусија, размена на идеи, предлози и искуства, како и отворање на прашања поврзани со предизвиците со кои се соочуваме.
Нашата цел е јасна, креирање на конкурентна, автентична и одржлива туристичка понуда која ќе донесе нови работни места, економски развој и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Во рамки на работилницата ги информирав присутните за проектите што следуваат во наредниот период, а кои директно и индиректно ќе влијаат врз сите чинители во туризмот од угостителите и сместувачките капацитети до занаетчиите, локалните производители и младите претприемачи.
Воедно, најавив формирање на Општински совет за развој на туризмот како советодавно тело што ќе обезбеди континуирана координација, транспарентност и активно учество на приватниот сектор, со цел одлуките да се носат заеднички, врз основа на реалните потреби и јасна стратешка насока.
Верувам дека преку вакви партнерства и со заедничка визија можеме да го позиционираме Крушево како препознатлива и атрактивна туристичка дестинација во регионот.
Продолжуваме посветено да работиме на развој кој носи реални резултати и долгорочни придобивки за нашата заедница” – истакна Чонески.


















