Прилепскиот “Весел театар by Balada”, со извонреден настап на Велешко културно лето – задоволната публика на крајот ги испрати со громогласни аплаузи
Прилепскиот “Весел театар by BALADA”, летово покрај своите гостувања на сцените во Охрид и Скопје, како и после неговите две успешни театарски гостувања во Битола кои беа дел од официјалната програма на Битолско културно лето, синоќа настапи во преполниот амфитеатар во Велес. Со својата одлична изведба на театарската претстава за деца “Волкот и трите прасиња” ја воодушеви велешката публика. Имено претствата на прилепскиот театарски тим беше дел од официјалната програма на Велешко културно лето.

За оваа претстава, позитивен коментар даде и велешкиот градоначалник, Марко Колев кој истакна:
“Музика, театар и детски насмевки на „Велешко лето 2026“! Амфитеатарот вчеравечер беше исполнет со детски џагор и насмевки на мјузиклот „Трите музички прасиња“. Низ музика, игра и интересна сценска приказна, најмладата публика уживаше во уште едно поинакво театарско доживување, а нивните реакции и аплаузи ја создадоа најубавата атмосфера” – истакна градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.

Весел театар – Прилеп настапува низ цела наша земја. Зошто е тоа така? Бидејќи публиката постојано ги бара бидејќи преку ликовите од нивните претстави, актерите директно ги вклучуваа децата во сцените, ги поттикнуваа да учествуваат, да реагираат, да одговараат прашања и да носат свои одлуки во текот на претставата. На овој начин, децата стануваа активни учесници, а не само пасивни набљудувачи! Оваа интерактивна форма на театар им помага на децата да ги разберат своите права, вклучувајќи го и правото на учество во културни и уметнички активности, и им овозможува да се чувствуваат значајни и слушнати! На ваков начин, претставите од „Весел Театар” ги пренесуваат суштинските пораки и креираат еден интерактивен културен простор за сите генерации.


















