ПРОДАНОСКИ: Аирлија нека е! Денеска и официјално го отворивме Центарот за дневен престој на стари лица за активно стареење
Денеска во Прилеп официјално беше отворен Центарот за дневен престој на стари лица за активно стареење. станува збор за место кое ќе значи простор за грижа, поддршка, дружење, активност и достоинствено стареење за нашите повозрасни сограѓани.
“Со големо задоволство денеска ставивме во функција еден значаен проект кој претставува уште еден чекор напред во развојот на современи, достапни и квалитетни социјални услуги во нашиот град и регионот. Нашата цел беше да создадеме место каде што повозрасните лица нема да бидат изолирани, туку ќе имаат можност активно да го исполнуваат своето секојдневие преку дружење, социјализација, едукативни, културни и рекреативни активности, како и психосоцијална поддршка и грижа од стручен тим. Верувам дека токму овде ќе се создаваат нови пријателства, ќе се споделуваат животни приказни и искуства и ќе се покаже дека активното стареење не претставува ограничување, туку можност за квалитетен и исполнет живот.
Особено ми е драго што ова нема да биде придобивка само за Прилеп. Заедно обезбедуваме услуги и за повозрасните жители од општините Кривогаштани и Долнени, уште една потврда дека добрата меѓуопштинска соработка носи конкретни резултати и вистински придобивки за граѓаните.
Центарот има капацитет за максимум 48 корисници, а сите заинтересирани граѓани можат да се пријавуваат и да аплицираат преку Центарот за социјални работи – Прилеп.
Овој значаен проект е резултат на заедничка работа, посветеност и партнерство. Искрена благодарност упатувам до Министерството за социјална политика, демографија и млади за поддршката и довербата, како и до Светска банка, која преку Проектот за подобрување на социјалните услуги овозможи реализација на оваа значајна инвестиција.
Голема благодарност и до Центарот за развој и едукација – Прилеп, кој ќе го води и координира овој проект, а воедно е наш долгогодишен и посветен партнер во создавањето и унапредувањето на квалитетни социјални услуги. Исто така, благодарност упатувам и до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Прилеп, општините Кривогаштани и Долнени, стручните служби, администрацијата, изведувачите и сите институции и лица кои придонесоа оваа идеја денес да стане реалност.
Општина Прилеп, покрај обезбедувањето на просторот и улогата на домаќин на проектот, даде и сопствен придонес преку кофинансирање, затоа што веруваме дека инвестицијата во луѓето е највредната инвестиција што можеме да ја направиме.
Нашите повозрасни сограѓани заслужуваат внимание, грижа и достоинствен живот, затоа што токму тие ги поставија темелите врз кои денес го градиме нашето општество.
Нека овој центар успешно им служи на граѓаните уште многу години!” – истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
















