Проданоски: Продолжуваме со активности за заштита на природата и создавање позелена животна средина
Денеска со организирано поаѓање во 09:00 часот од пред Општина Прилеп голем број на прилепчани се приклучија кон денешната акција за пошумување, на која присутни беа прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски, неговиот тим, како и Заменикот Генерален директор на ЈП Македонски Шуми – Кире Михаилов. Со поддршка од Бирото за регионален развој, станува збор за проект „Пошумување на споменикот на природата Маркови Кули“ кој е одобрен за реализација. Целта на проектот е воспоставување поголема стабилност на еколошките процеси, како и зачувување на биолошката и пределската разновидност на овој значаен локалитет.
“Во рамките на проектот набавена е опрема за садење дрвја која ќе биде дадена на користење на ЈКП „Комуналец“ како и 6000 дабови садници кои ќе бидат засадени во акцијата за пошумување во сабота на 21 март со што активно ќе го одбележиме и Денот на пролетта и на екологијата.Да ја покажеме нашата грижа за природата и заедно да придонесеме за позелен Прилеп! Продолжуваме со активности за заштита на природата и создавање позелена животна средина” – порача градоначалникот Проданоски.


















