После толку години, конечно се подобрија условите во Старскиот дом во Прилеп


Во рамки на одбележувањето на неделата на грижа за стари лица, денес прилепскиот градоначалник Борче Јовчески беше во посета на домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп. Оваа посета беше збогатена со културна програма од страна на учениците на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“. Својата посета прилепскиот градоначалник ја искористи за да направи увид на реализираните и тековните проекти во оваа јавна установа.
Станува збор за веќе реализирани проекти кои се од големо значење за подобрување на условите и негата кои оваа јавна установа им ги овозможува на своите штитеници. Имено, извршена е реконструкција на холот на Домот, набавени се нови кревети и плакари за собите во кои престојуваат старите лица, исто така набавени се нови трпезариски маси и столици и така комплетно е опремен трпезарискиот дел, а во наредниов период ќе се реализира и другиот проект за поставување на фотоволтаици и систем за топла вода преку кој што ќе заштедиме финансии со користење на обновливите извори на енергија, нешто што е од особена важност во вакви услови на енергетска криза. Oвие два проекти се аплицирани од страна на одделението за Локален економски развој при Општина Прилеп преку Центарот за развој на Пелагоннискиот плански регион до Министерство за локална самоуправа – Биро за регионален развој и се во вредност од над 12.000.000 денари. Како што најавивме, наредната година ја започнуваме активно и продолжуваме да работиме посветено и исклучиво во интерес на сите граѓани на општина Прилеп и на сите корисници на услуги на јавни установи – истакна Јовчески.


















