Во револуционерното с. Смилево одбележан големиот празник Илинден
Во револуционерното село Смилево, вчера се одбележа големиот национален и православен празник „Илинден“ во организација и под покровителство на Општина Демир Хисар.

Свеченостите започнаа со положување цвеќе и оддавање на почит со поклонување на могилата на великанот и обелискот на смилевските илинденци, Даме Груев, а потоа и во спомен паркот во месноста „Умалишта“, покрај споменикот на Даме Груев, од страна на општинска делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски, владина делегација предводена од министерот за внатрешни работи во Владата на Република Македонија, Панче Тошковски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и министерот за правда, Игор Филков, преставници од Кабинетот на Претседателката на РM, членови при Советот на Општина Демир Хисар, како и граѓани од соседните градови, политички партии, јавни претпријатија и установи, здруженија на граѓани, претставници од АРМ, Општинскиот одбор на сојузот на борци од Демир Хисар и други.
Согласно општинскиот протокол на активности и според утврдена Агенда, делегациите го посетија Меморијалниот музеј. Централната општинска церемонија за одбележување на Денот на Републиката – со кои, достоинствено, се одбележаа 121 години Илинден, 121 години од Смилевскиот конгрес, 82 години од ослободувањето на Смилево и 80 години АСНОМ, се одржа во спомен паркот на Даме Груев, на местото „Умалишта“.
Пред присутните на свечена церемонија, пригодни обраќања имаа градоначалникот на Општина Демир Хисар, г-дин Никола Најдовски и министерот за внатрешни работи, г-дин Панче Тошковски.
Најдовски, им посака топло добредојде во убавото Смилево и во своето излагање рече дека, како Македонци, не можеме да бидеме погорди и подостоинствени од тоа, овој голем ден да го прославиме токму овде, во демирхисарско, во славното Смилево, на местото каде се раѓа идејата за слободна и самостојна Македонија.
– Како градоначалник имам чест и одговорност да ја водам оваа прекрасна општина и нејзините граѓани во духот на илинденската традиција. Нека овој ден биде инспирација сите заедно да продолжиме со посветеноста кон развојот на нашата заедница, социјалната правда и економскиот просперитет. Нека ни биде поттик да се грижиме за нашата култура, јазик и обичаи и да ги пренесуваме на идните генерации. Драги сограѓани, нека е честит и вековит Илинден. Нека ни донесе мир, здравје и просперитет на сите нас, истакна градоначалникот Најдовски.

Свеченостите беа збогатени со културно – уметнички перформанс, приреден од страна на талентираните играорци при КУД „Илинден“, Демир Хисар, придружувани од оркестарите на друштвата и вокални извонредни изведувачи.
На крајот од празничната церемонија, градоначалникот Никола Најдовски, им додели благодарници на годинашните учесници – организатори на „Илинденскиот планинарски марш“, традиционално во чест на празникот.


















