Во Битола во рамките на „Илинденски денови“, детска ликовна работилница „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“
Традицијата најлесно се пренесува кога ќе им дадете молив на децата.
Во рамките на „Илинденски денови“, дури 75 ученици од осум основни училишта, заедно со 19 ментори, беа дел од детската ликовна работилница „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“, организирана во НУ Завод и музеј – Битола.
Пред белите листови најпрво стоеја приказните. Разговорите за народната уметност, симболите и копаничарството, водени од авторот Веселин Поповски, им покажаа на најмладите дека секое дело носи своја порака, а секој орнамент има свое значење.
Потоа дојде редот на нивната имагинација.
Под менторство на ликовните уметници Лилјана Христовски, Весна Дунимагловска, Анкица Стевановска, Веселин Поповски, Тони Гламчевски и Вера Соклевска, музејскиот простор за неколку часа се претвори во големо детско ателје, исполнето со цртежи, љубопитност и нови идеи.
Токму така културното наследство продолжува да живее …не само во музеите, туку и во детските раце што денес го цртаат, а утре ќе го чуваат.
фотограф | Сашо Ставрев


















