Свечена седница на Советот на Општина Прилеп и доделување на наградите ,,3-ти Ноември”
.
Вечерва во големата сала на Општина Прилеп, се одржа свечената седница на Советот на Општина Прилеп каде се доделија наградите по повод ,,3-ти Ноември”. На оваа свечена седница, прилепскиот градоначалник Борче Јовчески истакна:
“Нека ни е честит 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп.
Денес oддаваме почит на хероите, за нивната жртва, за тоа што ги дадоа своите животи за слободна и самостојна Македонија и за ослободувањето на нашиот град од фашистичкиот окупатор.
78 години подоцна, стоиме тука и имаме воспоставено традиција на овој голем ден за Прилеп и прилепчани каде што оддаваме признание на граѓаните чии индивидуални и колективни достигнувања придонесле за подобрување на животот во нашиот град.
Епитетот на град херој, со гордост го носиме и нераскинливо е поврзан со животот во Прилеп во минатото, сега, а сигурно ќе влијае и на иднината на нашите најмили.
Заслугата за ваков епитет е на сите кои што придонесле за тоа, а особено на преку 8000 прилепчани кои биле учесници во Народноослободителната борба и од кои имаме 650 жртви и 15 Народни херои. Денешниов ден секогаш ќе биде потсетување за нивното дело и чествување за нивната визија, за слобода, правда и демократија.
Исто така овој ден треба да биде потсетување и за младите генерации, да не забораваат каде се родиле и каде живеат и да се трудат секој во својата област на делување, да придонесат за подобра иднина на Прилеп.
Почитувани,
Како градоначалник на општина Прилеп сакам да порачам и да упатам апел, сите заедно да го градиме и развиваме нашиот град за подобра иднина на сите. Сплотени да се избориме за поголем локален економски развој, подобра инфраструктура, квалитетно образование за нашите наследници и напредок во сите други области: здравство, култура, спорт, земјоделие….
Целта е една и единствена, „Каменот тежи каде што му е местото“ а местото на нашите деца е тука, блиску до нас, во нашиот град, во нашиот дом!
Пред нас се појавија и ќе се појават безброј проблеми. Но сигурен сум дека заедно, драги мои прилепчани, преку взаемна соработка, почит, поддршка и многу работа, ќе постигнеме многу нови успеси за нашите семејства и за нашиот Прилеп.
Измина една тешка година во која се соочивме со многу предизвици и година во која научивме многу. Верувам дека најдоброто за Прилеп доправа следува и во текот на нашиот мандат ќе го исполниме се она што го гарантиравме пред прилепчани, а тоа се многу проекти и многу промени.
Упатувам искрени честитки до годинешните добитници на наградата 3-ти Ноември! Почитувани прилепчани, гордејте се со вашите достигнувања и успеси и продолжете да не правите и нас горди што сме ваши сограѓани.
На сите присутни, Ви благодарам за вниманието и посакувам заеднички да се радуваме на сите идни успеси на Прилеп и на Република Македонија.
Нека ни е честит и вековит 3-ти Ноември” – истакна прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.