Продолжува скринингот за антитела при што ако покаже имунитет над 70%, ќе се олеснуваат мерките
Министерот за здравство, Беким Сали, заедно со заменик министерот Владимир Рендевски денеска ги посетија здравствените тимови на пунктот за серолошки скрининг во Битола и остварија средби со граѓаните. Серолошкиот скрининг ќе овозможи да се добие јасна слика за општата состојба на населението, а од тоа ќе зависи и носењето нови препораки и мерки, истакна министерот Сали.„Ние посакуваме да имаме позитивни резултати од оваа анализа што ја правиме за да според тоа и ние ги намалиме мерките. Во неколку наврати повторувам, сè зависи од имунолошката состојба на нашите граѓани. Доколку добиеме резултати кои што се позитивни, над 70% од имунизацијата вкупна во државата, тогаш во тој случај можеме да кажеме дека веќе почнуваме со олабавување односно нормално функционирање на нашите граѓани…Од направени 200 анализи во текот на вчерашниот ден, сме добиле само еден позитивен резултат. Ако ова продолжи вака, се надевам уште 2-3 дена ќе потрае анализата, затоа што тука беше поголемиот дел на новоинфицирани. Доколку е ваква бројката и во другите делови од Град Скопје, во тој случај нема потреба од продолжување на анализите“, истакна новиот министер за здравство Беким Сали.