Проданоски: Божиќ нè потсетува дека не постојат разлики, туку само наши деца
Во градот под Марковите Кули, денеска се одржа 20-тото издание на настанот “Божикен ручек за сите деца во светот”, каде присуствуваа околу 500 дечиња, кои ги поздрави прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски и Неговото Преосвештенство, епископот Велички г. Никола.
“Денес, на овој светол и благословен божиќен ден, бевме собрани во духот на сплотеноста, заедништвото и љубовта, за да го прославиме Христовото Рождество заедно со најчистите срца, децата.
Христос се роди! – Навистина се роди!
Божиќ нè потсетува дека не постојат разлики, туку постојат само наши деца. Тие се нашата сегашност и нашата иднина, а преку нив празникот ја добива својата вистинска смисла. Дарувањето, љубовта и добрината се најголемото богатство што можеме да го споделиме, денес и секој ден.

Особена благодарност упатувам до организаторите, Детската амбасада за сите деца во светот, која веќе 20 години со посветеност и хуманост го организира овој Божиќен ручек и заедно испраќаме силна порака дека секое дете заслужува внимание, топлина и еднаква шанса за среќно детство. Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите хумани и значајни иницијативи, кои го негуваат детството, солидарноста и човечноста.
Нека божиќната светлина ги осветли нашите домови и срца, нека ни донесе мир, здравје и радост, и нека нè води кон поголемо разбирање и човечност.
Среќен Божиќ на сите!
Здравје, мир и љубов за сите деца во светот.
Христос се роди!” – порача прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.















