Прилеп со длабока почит одбележа 69 години од смртта на Методија Андонов-Ченто
Општина Прилеп денес оддаде почит на својот великан, големиот македонски патриот и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, по повод 69-годишнината од неговата смрт.
Пред неговиот споменик во центарот на Прилеп, претставници на семејството Андонов-Ченто, Локалната самоуправа, Советот на Општина Прилеп, политички партии, здруженија на граѓани и Сојузот на борците положија свежо цвеќе, оддавајќи му длабока почит на човекот кој целиот свој живот го посвети на идеалот за слободна, достоинствена и самостојна Македонија.
Роден во Прилеп на 17 август 1902 година, Методија Андонов-Ченто останува една од најзначајните личности во современата македонска историја. Како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, тој ја вгради својата визија, храброст и пожртвуваност во темелите на македонската државност. Поради своите убедувања и непоколебливата борба за националните интереси беше прогонуван и неправедно осуден, но историјата ја потврди вистината. Во независна Македонија беше рехабилитиран, а постхумно одликуван со највисокото државно признание – „Орден на Република Македонија“.
Неговите зборови: „Верував во сѐ, но не верував дека мои ќе ми судат за Македонија“, и денес силно одекнуваат како сведоштво за личната жртва што ја поднесе, воден единствено од љубовта кон својот народ и својата татковина.
Ченто не е само историска личност, тој е симбол на достоинството, слободољубието и непокорот. Неговото дело останува вечен патоказ за сите генерации кои ја сакаат Македонија и ги почитуваат нејзините темели.
Вечна слава и длабока почит за Методија Андонов-Ченто! Неговото име и дело засекогаш ќе живеат во колективната меморија на Прилеп и Македонија.


















