НИ ПРЕТСТОИ ГОЛЕМ И СВЕТОЛ ПРAЗНИК: Успение на Пресвета Богородица
Овој понеделник на 28.08.2023 година православните христијани го слават големиот христијански празник посветен на Успението на пресвета Богородица. Како што е наведено во календарот на МПЦ, Господ, Којшто на Синај заповеда со петтата заповед: „Почитувај го таткото свој и мајката своја“, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на Јован: „Ете ти мајка!“ И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Ерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, Таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го помина во Ерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетуваа на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син.
Особено често одеше на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Од Нејзините подолги патувања се спомнува Нејзината посета на Св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на Светиот четиридневен Лазар, епископ Кипарски, посетата на Света Гора, којашто самата ја благослови, и бавењето во Ефес со Свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Ерусалим. На старост Таа често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да Ја земе од овој свет. Еднаш и се јави архангелот Гавриил, при што и објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш и даде една палмова гранка за да ја носат при Нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ и ја исполни оваа желба и сите апостоли, носени на облаци од ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион.