Ако апаратот за пожар беше со прав во најмала рака ќе го забавеше огнот – констатираа кочанските пожарникари
Претседателот на Доброволното противпожарно друштво од Кочани, Златко Илијев, нагласи дека недостигот од основно познавање на населението за однесување при пожар, претставува една од клучните причини за трагични последици.
Противпожарниот апарат што се гледа на една од снимките, со кој се гаси почетниот пожар, е несоодветен, наменет е за гасење оган кај електрични уреди под напон, а не од таков вид каков што беше во „Пулс“. Ако тој апарат беше со прав, во најмала рака ќе го забавеше ширењето на пожарот и ќе дадеше многу повеќе време за евакуација на младите. Од друга страна, присутните во дискотеката во првиот момент не ја сфаќаат сериозно опасноста и наместо да се упатуваат кон излезот, тие снимаат со мобилните телефони. Заедничко во двата момента е незнаењето и недоволната едукација, нешто што во иднина треба да се сфати многу сериозно и да се работи на тоа, секој од нас да има елементарно познавање за противпожарна заштита – истакна Илијев.


















