Ново полетувалиште во Крушево! Голема значајна инвестиција која ќе го зголеми развојот на туризмот во овој град
Денеска во Крушево, свечено беше отворено новото полетувалиште на Црн Врв, кое воедно претставува ново поглавје за Општина Крушево.
“Денес, заедно со почитуваниот г-дин Бен Нупнау, вршител на должноста шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, почитуваниот г-дин Бил Хлуз, претседател на Комисијата за параглајдерство и змајарство во Меѓународната аеронаутичка федерација, почитуваниот заменик-градоначалник на Општина Елбасан, г-дин Ирланд Сина, и почитуваниот г-дин Стефан Вангелски, координатор за прекугранична соработка во Министерството за локална самоуправа, го претставивме новото полетувалиште на Црн Врв.
Со демонстративните летови од новото полетувалиште, имавме можност директно да покажеме дека Крушево создава уште подобри услови за параглајдерите од земјата и од целиот свет.
Ова е инвестиција во иднината на Крушево како меѓународно препознатлива дестинација за параглајдинг и авантуристички туризам. Новите полетувалишта на Црн Врв претставуваат дополнителна вредност за нашето Крушево и отвораат можности за уште поголем број натпревари, спортисти и туристи.
Особено ми е драго што токму во рамките на Светското јуниорско првенство во параглајдинг „Крушево 2026“ можевме да го претставиме овој нов потенцијал пред учесниците и гостите од целиот свет.
А преку „Taste of Krusevo“ им покажавме на нашите гости и натпреварувачи дека Крушево не е само место со прекрасна природа и идеални услови за параглајдинг, туку и град со богата традиција, автентична гастрономија и препознатливо гостопримство.
Продолжуваме да вложуваме во Крушево, во нашата инфраструктура и во потенцијалите што го прават нашиот град уникатна авантуристичка и туристичка дестинација” – порача крушевскиот градоначалник, Нико Чонески.


















