Чонески со порака од Скопје: Развојот на Крушево останува еден од нашите врвни приоритети
Вчера во Скопје, крушевскиот градоначалник Нико Чонески како и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорката на Светска банка за Македонија, Карол Межеван, како и со градоначалници од повеќе општини, зеде учество на работна средба посветена на можностите за поддршка на локалниот развој, реализација на капитални проекти и унапредување на инфраструктурата во општините.

“Развојот на Крушево останува еден од нашите врвни приоритети. Како град со богата историја, огромен туристички потенцијал и природни убавини, Крушево заслужува континуирани инвестиции кои ќе обезбедат подобри услови за живот, економски раст и нови можности за граѓаните.
Токму затоа, нашата цел е преку сериозни капитални инвестиции да создадеме модерна и функционална општина, со подобрена инфраструктура, поквалитетни јавни услуги и услови за одржлив локален развој.
Во периодот што следува ќе продолжиме посветено да работиме на проекти кои значат реконструкција и изградба на локална инфраструктура, подобрување на јавните простори, развој на туризмот и создавање подобри услови за живот за сите генерации.
Изразувам благодарност до институциите и партнерите кои ја препознаваат важноста на инвестициите во локалниот развој и даваат поддршка за реализација на проекти од значење за Крушево.
Како локална самоуправа, остануваме целосно посветени на привлекување нови инвестиции, искористување на сите достапни можности за финансирање и реализација на проекти кои ќе донесат конкретни резултати за нашите сограѓани.
Нашата визија е јасна, модерно, развиено и просперитетно Крушево, град кој ги користи своите потенцијали и создава подобра иднина за сите!” – порача Чонески.


















