Проданоски во неговиот кабинет ги пречека учениците кои го освоија првото место на натпреварот по циркуларна економија
Денеска прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски во неговиот кабинет ги пречека Теодора, Анастасија, Александра, Давид и Мартина – ученици од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ од Прилеп, кои го освоија првото место на натпреварот по циркуларна економија, одржан на Економскиот факултет во Прилеп. Овие млади и амбициозни ученици, под менторство на професорката Виолета Секулоска, се претставија со проектот „RERUBIX“ – иновативна идеја која нуди конкретно решение за рециклирање на отпадни гуми и нивна пренамена во безбедни подлоги за детски игралишта, велосипедски полигони и заштитни елементи во сообраќајот.
“Она што особено импресионира е тоа што проектот придонесува за намалување на отпадот, унапредување на јавниот простор и создавање побезбедна и поубава средина за најмладите.
Особено значаен сегмент во ова решение се паметните безбедносни бариери изработени од рециклирани гуми, кои имаат клучна улога во заштитата на корисниците. Тие се дизајнирани да апсорбираат удари и на тој начин значително да го намалат ризикот од повреди кај децата и велосипедистите, што го прави решението не само еколошко, туку и високо безбедносно и практично.
Овој успех не е случаен тој е резултат на знаење, тимска работа и визија. Прилеп има млади кои не само што учат, туку и создаваат решенија за реални предизвици.
Како локална самоуправа секогаш ги поддржуваме ваквите иницијативи и ќе продолжиме да бидеме партнер на младите во реализација на нивните идеи.
Искрени честитки до учениците и нивната менторка вие сте вистинска инспирација и гордост за Прилеп!” – порача Проданоски.


















