Денеска, верниот народ во “прилепски Параклис” ги прослави своите заштитници и застапници пред Бога, Светите Кирил и Методиј
Со особена чест денес го одбележуваме големиот православен и државен празник – Денот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, нашите сесловенски просветители, чија мисија ја вгради светлината на писменоста, културата и верата во темелите на идентитетот на сите словенски народи.

Утрово имаше Светата литургија со која што чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски, г.г. Петар, заедно со Епископот Никола и Владиката Силијан од Српската православна црква.

Светите браќа Кирил и Методиј оставија зад себе бесценет аманет – азбуката, преводот на Светото писмо и богослужбените книги на разбирлив народен јазик, со што ги отворија вратите кон знаењето и духовното воздигнување.
Тие не само што создадоа писмо, туку создадоа пат кон духовна слобода, национално осознавање и културен напредок.
И денес, во нивните дела ја препознаваме силата на јазикот како чувар на народната душа.
Токму затоа, 24 Мај не е само датум во календарот – тој е потсетник дека имаме обврска пред предците, но и пред идните генерации – да го негуваме македонскиот јазик, да ја чуваме нашата традиција, да вложуваме во образованието и културата, бидејќи тоа е најсилната потврда за нашиот идентитет и самобитност.
Нека ни е честит 24 Мај – Денот на Светите Кирил и Методиј!
Нека е вечна светлината што ни ја оставија!


















