Убавина! Синоќа во Битола свечено беше отворена „Спомен куќата на Гоце Делчев“
Синоќа свечено беше отворена „Спомен куќата на Гоце Делчев“, во централното градско подрачје на Битола, во која македонскиот револуционер Гоце Делчев престојувал во 1901 година. Завод и Музеј Битола целосно ја реновираше спомен куќата, некогаш сопственост на семејството Ракиџиев.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, пратеникот Пеце Милевски, претставници на Советот на општината, пратеници во парламентот, ректорот проф. д-р Игор Неделковски, делегации на Сојуз на борци Битола, претставници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, движење ЗНАМ за наша Македонија, здруженија на граѓани, институции кои го носат името на Делчев меѓу кои и ОУ Гоце Делчев, положија свежо цвеќе пред спомен куќата. Во оваа пригода, градоначалникот Коњановски истакна дека пораките на Делчев се дел од нашето живеење, но истите треба да се пренесуваат и на идните генерации.

Преуредувањето на музејската поставка во спомен-куќата се состои од три дела – историска соба и етнолошка соба, кои се наоѓаат на горниот кат и училница која се наоѓа на долниот кат од куќата. Синоќешниот настан беше заокружен со уметничка програма во изведба на членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола.
















