СВЕЖО ЦВЕЌЕ И ОГРОМНА ПОЧИТ ЗА РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ: Во Прилеп достоинствено и гордо одбележан 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Сподели го ова:






























Градоначалникот Борче Јовчески, претседателот на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски, како и претставници на политички партии, денеска го одбележаа Денот на македонската револуционерна борба, 23-ти Октомври. По тој повод, делегациите положија свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Ѓорче Петров и Пере Тошев кои се наоѓаат во центарот на Прилеп, а исто така делегациите оддадоа почит и пред гробот на Пере Тошев кој се наоѓа во црквата св. Благовештение во Прилеп како и на гробовите на Никола Каранжулов и Методија Патчев.

“Денот кога искрата роди сонце, денот кога во 1893 година во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун, се собрале шестмина млади луѓе (Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев) за да ги стават основите на Организацијата која што симболизира континуитет на македонската борба за независност, автономија и формирање на самостојна држава. Овој ден кога е формиран Македонскиот револуционерен комитет, верувам дека секој македонец го слави како датум кога е втемелена идејата за националниот идентитет. Датум кога со длабок наклон ги чествуваме храбрите дела на нашите предци кои со организираното македонско револуционерно движење преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа и преку НОВ придонесоа за создавање на модерна, самостојна македонска држава. Да живее Македонија!” – истакна денеска прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.

Денешниот празник 23-ти Октомври, на своите прилепски сограѓани им го честита и претседателот на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски. Еве што поточно се истакнува во неговата честитка:

“23-ти Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба претставува значаен симбол на пожртвуваноста и истрајноста на македонскиот народ кој што непрекинато низ годините наназад, сведочи за одлучноста и нескршливата волја за слобода и независност, која се преточува низ повеќевековна борба за создавање на сопствена држава.

Членовите на ВМРО оставиле неизбришлив белег во македонската историја, а нивните дела и вредности трајно се вградиле во македонската државност. Нивното големо револуционерно дело, претставува вистински пример за секој македонец. Следејќи го примерот на македонските револуционери, треба да изградиме еден целосен – одговорен пристап, каде преку посветеност и истрајност, мудро ќе се соочиме со тешката состојба во која што денес се наоѓа нашата библиска Македонија.

Вечен нека биде споменот за македонските револуционери, со надеж и понатаму, непрекинато кај секој македонец да продолжи да гори огнот на нивните револуционерни идеали!

Нека е честит големиот празник 23-ти Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба!” -се истакнува во честитката на претседателот на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски.




Сподели го ова:

Слични објави