Спектакуларно со мјузиклот „Као какао“ започна Битолското културно лето во преполната сала во ЦК-Битола
Спектакуларно со мјузиклот „Као какао“, впечатлива љубовна приказна инспирирана од безвременската музика на Влатко Стефановски, напишана од Венко Андоновски, а поставена во режија на Дејан Пројковски, вчера вечерта започна најдолгото и најсодржајното културно лето БИТ ФЕСТ.
Ова продукциско дело обедини врвни мајстори на пишаниот зборот, музиката, режијата, актерството и менаџментот и голем број учесници на сцената.
“Битола и ова лето ќе пулсира со содржините од богатата програма на фестивалот кој од оваа година го организира Културниот и информативен центар КИЦ Битола за што сум благодарен за организацијата и програмата која ја креираа. Годинава нашиот и вашиот фестивал станува полнолетен, ова е 18-то издание, а желбите се заедно да прославиме уште многу изданија, да ја славиме културата, уметноста, традицијата. Заедно со публиката и уметниците ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола, а секако и на нашата Македонија.
Честа да го отвори фестивалот му припадна на мјузиклот „Као какао“. И оваа година, ќе имаме содржини односно традиционалните манифестации кои се дел од нашата годишна програма за култура, како „Битола отворен град“, „Илинденски денови“, „Солстис“, „Локум фест“, „Бела ноќ на Широк Сокак“, „Незаборав“, потоа фестивалот на Хармониките, концерт на барокна музика, концерт на групата „CODE 369“, ќе има концерти на класична музика, детски музички настани, изложби, театарски претстави, концерт на гитари „Битолски гитаристи“, фолклорен концерт „Под звеѕдено небо со Танец и Ладо“.
Во текот на фестивалот и настаните на Здружението на уметници ракотворци „Срцето на Македонија“ на македонски ракотворби, како и во „Срцето на Битола, потоа „Чествување на заветот“-мултимедијален перформанс, изложба на фрески и икони, фестивал на електронска музика „Смотра 14“, „СОС“ фестивалот, фестивалот за литература и аудио визуелни уметности „300 работи“, книжевен фестивал или вкупно 70 настани одбрани од стручната комисија на организаторот Културниот и информативен центар КИЦ.
Фестивалот ќе трае до 29 август кога ќе биде затворен со јубилејниот концерт на групата „Фолтин“.
Верувам дека сите заедно ќе уживаме во летната магија на БИТ ФЕСТ кој ќе го раздвижи градот и ќе понуди уште еднаш потенцирам програма за секоја генерација.
Го прогласувам фестивалот за отворен” – порача битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
