Секоја чест! Прилепчанецот Александар Рикалоски блесна на државното првенство во пингпонг– три бронзени медали
Во врвна атмосфера во СЦ Јане Сандански на 21 и 22 март се одржа 33. Државно првенство во пинг-понг за сениори, а во центарот на вниманието се најде прилепчанецот Александар Рикалоски, кој настапува за ППК Студент Скопје.
Рикалоски имаше фантастичен настап, освојувајќи медали во сите категории – вистинска потврда за неговиот квалитет, борбеност и искуство.
Во поединечна конкуренција, Рикалоски одигра до полуфиналето со пет последователни победи, демонстрирајќи сигурна и доминантна игра. Во борбата за финале се соочи со Лука Стојчев, каде резултатот 4-1 не ја отсликува реалната слика на теренот – натпреварот беше изедначен, со жестоки разигрувања и борба за секој поен.
Во машки двојки, заедно со Нико Доага од Младост 96, стигнаа до бронзен медал. Во полуфиналето беа запрени од тандемот Кристијан Станојковски и Александар Јакимовски, но сите сетови беа загубени на минимална разлика – што доволно говори за неизвесноста и квалитетот на мечот.
Не заостануваше ниту во мешани двојки, каде со Ива Димитриеска од Младост 96 повторно се искачи на подиумот. Во полуфиналето поразени беа од двојката Нико Доага и Софијан Хасану со 3-1.
Она што го прави успехот уште поголем е фактот што Рикалоски настапи со нередовни подготовки, поради професионални обврски – но и покрај тоа покажа шампионски карактер и врвна форма.
Со три освоени медали, Рикалоски испрати јасна порака – останува еден од најконзистентни пинг-понг играчи во државата.
