Пуштено во употреба новото Собирно место, за селекција и одлагање на отпад во Прилеп
Денеска официјално во Прилеп беше пуштено во употреба новото Собирно место, за селекција и одлагање на отпад во Прилеп. Значаен чекор кон создавање на поорганизиран, поодржлив и поеколошки систем за управување со отпадот во нашиот град. Воедно, денеска во Прилеп пристигна и ново специјализирано возило за подигање на отпад, обезбедено преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од Регионалната програма за управување со цврст отпад.
“Од денес, граѓаните на едно место ќе можат правилно да одлагаат електричен и електронски отпад, отпад од текстилни производи, стаклена амбалажа, хартија и пластика.
Собирното место се наоѓа на ул. „Трајко Николоски“, пред влезот на гаражите на ЈКП „Комуналец“, на безбедна и контролирана локација со 24-часовен надзор, со цел заштита на поставената инфраструктура и нејзино правилно користење.
Комуналната опрема за собирање на електричен и електронски отпад е обезбедена од колективниот постапувач „Ел Колект“, кој согласно законските обврски ќе го собира, транспортира и рециклира отпадот. Во собирното место може да се одлагаат мали домашни апарати, ИТ и компјутерска опрема, телефони, кабли, светилки, монитори, како и друг вид електричен и електронски отпад.
Дополнително, поставено е и „ѕвоно“ за стаклена амбалажа, како и контејнери за ПЕТ амбалажа, хартија и картон, со цел да им се овозможи и на граѓаните кои не се дел од системот за куќна селекција активно да се вклучат во процесот на правилно управување со отпадот.
Во соработка со колективниот постапувач „Тексомак“ и кампањата „Селектирај отпад“, започнуваме и со системско собирање на текстилен отпад. Граѓаните текстилниот отпад ќе можат да го одлагаат во собирното место пред ЈКП „Комуналец“, во кругот на „Комфи Ангел“, или преку апликација да пријават подигање на отпад директно од нивниот дом.
Ова собирно место претставува почеток на еден нов системски пристап во управувањето со отпадот, со кој ја подигнуваме јавната свест и се подготвуваме за идниот регионален систем и регионалната депонија.
Она што сакам да го најавам е дека Општина Прилеп, заедно со ЈКП „Комуналец“, веќе работи и на проект за голем современ Собирен центар, каде што ќе се селектираат најмалку 30 видови отпад, согласно сите современи стандарди и законски обврски. Продолжуваме со инвестиции во модерна комунална инфраструктура и проекти кои директно придонесуваат за почист, поуреден и поздрав Прилеп.
Заедно создаваме почиста иднина и подобра животна средина за сите граѓани!” – порача Проданоски.
