Проданоски: Со гордост го најавуваме првиот Меѓународен фолклорен фестивал „Итар Пејо“, кој го поставуваме како нов фестивал на туристичката мапа на Прилеп
Во организација на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп а со поддршка на Општина Прилеп, НУЦК Марко Цепенков и повеќе компании, оваа година за прв пат на 14 и 15 август ќе биде прикажано првото издание од Фестивалот „Итар Пејо“, кој ова лето ќе го исполни градот Прилеп со фолклор, музика, игра и добро расположение.
“Со гордост го најавуваме првиот Меѓународен фолклорен фестивал „Итар Пејо“, кој го поставуваме како нов фестивал на туристичката мапа на Прилеп.
Посебноста на фестивалот е можноста да запознаеме нови култури и традиции од различни народи, да уживаме во шаренилото на нивните традиционални носии, песни и игри, воедно и да ја споделиме нашата богата македонска традиција со светот.
Со фестивалот „Итар Пејо“, Прилеп станува сцена на пријателство, уметност и заедништво, што е чекор напред во градењето на град со отворено срце и жив дух.
Им посакувам добредојде на гостите од другите држави и на сите учесници. Верувам дека ќе уживаат во гостопримството на нашиот град, кој нуди многу можности за нивната туристичка разгледница” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
