Проданоски ги пречека амбасадорката на Република Словачка и почесниот конзул Љубош Јакаб
На денешниот празник Голем Петок – Источен Петок Балаклија, прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски оствари средба со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, како и почесниот конзул Љубош Јакаб, заедно со претседателката на Советот и пратениците од Прилеп во Собранието на Република Македонија.
“Во рамки на протоколарната средба во Општина Прилеп, разговаравме за актуелната состојба во општината, тековните проекти, идните планови, како и за можностите за продлабочување на соработката. Посебен акцент ставивме на природните богатства со кои располага нашиот регион, богатото културно наследство и значајните манифестации по кои Прилеп е препознатлив.
Изразив искрена благодарност за покажаниот интерес од страна на амбасадорката за нашата општина, како и за поддршката, со уверување дека оваа соработка ќе продолжи и ќе се унапредува и во иднина. Прилеп веќе има воспоставено пријателски односи како збратимен град со Тополчани во Република Словачка и убеден сум дека оваа средба претставува силна основа за нови заеднички иницијативи и проекти во повеќе области.
По повод празникот и нашата традиција, заедно го посетивме манастирот „Свети Архангел Михаил“ во населбата Варош, едно од најзначајните духовни и културни обележја на нашиот град.
Потоа ја продолживме посетата во Завод и Музеј Прилеп, каде што имавме можност да ja разгледаме археолошката и етнолошката поставка и одблизу да се запознаеме со богатото културно наследство на нашиот регион.
Во рамки на агендата ја посетивме и компанијата Витаминка, еден од најпрепознатливите македонски брендови во прехранбената индустрија, која успешно извезува свои производи и на словачкиот пазар, претставувајќи одличен пример за економска соработка меѓу двете земји.
Остануваме посветени на градење и унапредување на меѓународните партнерства, со јасна цел, развој на Прилеп и подобрување на квалитетот на живот на нашите сограѓани” – истакна Проданоски.
