Прилепчани пролетта ќе ја дочекаат со голема акција за пошумување на Марковите Кули
Со поддршка од Бирото за регионален развој, проектот „Пошумување на споменикот на природата Маркови Кули“ е одобрен за реализација. Целта на проектот е воспоставување поголема стабилност на еколошките процеси, како и зачувување на биолошката и пределската разновидност на овој значаен локалитет.
“Продолжуваме со активности за заштита на природата и создавање позелена животна средина.
Во рамките на проектот набавена е опрема за садење дрвја која ќе биде дадена на користење на ЈКП „Комуналец“ како и 6000 дабови садници кои ќе бидат засадени во акцијата за пошумување во сабота на 21 март со што активно ќе го одбележиме и Денот на пролетта и на екологијата.
Ги повикувам сите граѓани и љубители на природата, да се приклучат кон оваа акција за пошумување и заедно да придонесеме за позелена и поздрава околина.
Сабота, 21 март, поаѓање во 09:00 часот од пред Општина Прилеп. За сите учесници ќе биде обезбеден превоз.
Да ја покажеме нашата грижа за природата и заедно да придонесеме за позелен Прилеп!” – порача прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
