Прилеп му се поклони на херојот! 83 години од загинувањето на Орде Чопела
Средното општинско училиште „Орде Чопела“ од Прилеп денеска одбележа 83 години од загинувањето на својот патрон – народниот херој и борец за слобода, прилепчанецот Јордан Чопела.
По тој повод, делегации на Општина Прилеп и Советот на Општина Прилеп, училиштето-домаќин, претставници на други училишта од градот, како и членови на Сојузот на борци, положија свежо цвеќе пред бистата на Орде Чопела во училишниот двор, кај неговото родно место во Варош и на Могилата на непобедените.
Јордан Чопела бил активен учесник во Народноослободителното движење за време на Втората светска војна. На 16 јули 1941 година, во неговиот стан во Прилеп била формирана Прилепската воена комисија, како еден од првите организирани обиди за отпор против окупаторот. Бил смртно ранет на 8 април 1942 година во Битола, по кус судир со бугарската фашистичка полиција, и починал ден подоцна. За народен херој бил прогласен на 2 август 1949 година.
Со достоинствено одбележување на годишнината од неговата смрт, СОУ „Орде Чопела“ и градот Прилеп продолжуваат да го негуваат споменот и вредностите кои ги остави зад себе овој прилепски херој.
