Мистик Мила Спиркоска за “СТАНИЦА.МК” : Ова беше неверојатно искуство и сум многу среќна што успеав да го претставам костимот Мистик пред публиката на „Прочка 2024
Прилепскиот маскембал „Прочка 2024“ го одбележа своето дваесет и второ издание со впечатливо дефиле на 23 групни и поединечни маски, а меѓу нив и костимот Мистик. Ова мистично суштество, создадено од Мила Спиркоска, го освои срцето на јавноста и жирито кое ѝ додели награда за најдобра поединечна маска.
Мистик не привлече внимание само поради својата визуелна привлечност, туку и поради фактот што замислата и рачната изработка на костимот е целосно од 12-годишната Мила. Од почеток до крај, Мила го креираше костимот со љубов и целосна посветеност, вклучувајќи го и перформансот на дефилето, каде срдечно ѝ се придружи и мимичарот Мето.
„Ова беше неверојатно искуство и сум многу среќна што успеав да го претставам костимот Мистик пред публиката на „Прочка 2024“. Идејата зад костимот беше да го пренесам магичното и позитивното во светот и верувам дека успеав да го постигнам тоа“, изјави Мила Спиркоска.
