Коњановски ја прими битолчанката која освои медал на Европската олимпијада по физика во Шведска
Денеска битолскиот градоначалник Тони Коњановски, организираше прием на ученичката Искра Нечаковска од гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола која освои сребрен медал на Европската олимпијада по физика што се одржа во Шведска.
“На средбата, на која присуствуваа и нејзиниот професор и ментор Каранфил Алачев и директорката на гимназијата Лидија Споа, од мое лично име и од име на Општина Битола упатив честитки за овој извонреден успех, кој претставува гордост за неа, за нејзиното училиште, менторот и секако за нашиот град Битола и за Македонија на меѓународен план.
Нејзиниот успех е доказ дека вложениот труд, стекнатото знаење и големата посветеност носат големи резултати и треба да бидат инспирација за сите млади.
Битола е горда со нејзиниот успех и и посакав уште поголеми успеси во нејзиното идно образование и наука.
Искра своето образование ќе го продолжи во областа на физиката, запишувајќи студии по физика и математика на престижен факултет во Париз, Франција. Исто така, доделена ѝ е целосна стипендија, која ќе ги покрие трошоците за студирање во текот на сите години од нејзиното високо образование” – истакна Коњановски.
