ДВЕ ВО ЕДНО: Еко акција за чистење на прилепското вештачко езеро и предавање за римската вила која постоела на брегот од езерото
На 01.10.2022 година, утрото во 09 часот ќе започне еколошка акција за чистење на вештачкото езеро во организација на Здружението “Менелај” од Прилеп, а веднаш потоа ќе има и предавање за римската вила. Во прилог, Ви го пренесуваме соопштението на Здружението “Менелај” , кое е објавено на нивната Facebook страна:
“Летото помина, но зад нас останаа многу несимпатични траги. И покрај неколкуте еко-акции кои што беа спроведени околу Прилепско Езеро, сепак, неговата околина е повторно преплавена со смет. Со ова, рекреирањето во овој предел повторно се претвора во прошетка низ ѓубре, наместо прошетка во природа. Прилеп, а најмалку нашите деца не го заслужуваат тоа. Поради ова, ги здружуваме силите со цел да ги отстраниме “страните елементи” – шишиња, кеси, хартии – и да и дадеме простор на природата, која секогаш знае двојно да возврати. Ги повикуваме сите граѓани на Прилеп кои се во можност, да се приклучат на оваа еко-акција и да повторно да го „светнеме“ рекреативниот центар, брегот и шумата околу Прилепско Езеро.
Истовремено, ќе промовираме една помалку позната димензија на овој ареал, а тоа е културното наследство, присутно на самиот брег на езерото, со цел подигнување на свеста за просторот во кој живееме и неговото минато. На малкумина им е познато дека на самиот брег на езерото, многу одамна постоела вила која датира од римскиот период. Поради ова, во рамки на еко-акцијата, ќе биде посетена и локацијата на оваа вила и ќе биде одржано предавање за истата од страна на д-р Христијан Талевски.
Своето учество во оваа акција веќе го потврдија: Еко Свест – Прилеп; ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп; Извиднички Одред Феникс – Прилеп; Прилепски Волонтерски Одред, Vege Bar Aura, како и голем број волонтери.
Бидејќи овој настан е волонтерски, ве молиме понесете: вода, храна, алат (кој што е во можност) и се разбира добро расположение
Датум: 01.10.2022
Збирно место: Паркинг – Прилепско Езеро
Време: 09:00
Предавање за римската вила: 12:00″ – истакнуваат од Здружението “Менелај”-Прилеп