Македонија славеше со 4:0 против Лихтанштајн во Вадуц

Сподели го ова:




Македонската А репрезентација славеше убедлива победа со 4:0 против Лихтенштајн во натпреварот од 7. коло од квалификациите за Светското првенство 2022. Во Вадуц на Рејнпарк стадионот, нашата селекција целосно доминираше и апсолутно во ниту еден момент не беше доведено прашањето околу победникот на квалификацискиот меч.  Нашата селекција сега има 12 бодови во групата со Германија, Ерменија, Романија, Исланд и Лихтенштајн.Дарко Велковски во 40. минута беше стрелец на првиот гол за Македонија. Во второто полувреме погодија Алиоски во 66. минута од пенал, Николов во 74. минута и Чурлинов во 83. минута.  Во 4. минута Александар Трајковски пропушти огромна прилика за отворање на резултатот. По акцијата на Елмас и Чурлинов, од само два-три метри Трајковски не успеа да го совлада домашниот голман. Милан Ристовски во 12. минута ја имаше следната одлична шанса за 1:0. По центаршут на Алиоски, нашиот напаѓач имаше обид со глава, но заврши над голот на Бухел. Во 18. минута не користиме нова чиста можност за гол во мрежата на Лихтенштајн. Милан Ристовски проигра со Елмас, после неговиот удар Александар Трајковски ја упати топката во мрежата на Лихтенштајн, но голот беше поништен поради офсајд. Во 25. минута, домашниот капитен Хаслер го сруши во шеснаесетникот Елиф Елмас, но главниот судија не досуди пенал за Македонија. Пет минути подоцна пречката беше сојузник на домашните. Шутираше Алиоски, а потоа Чурлинов, но среќата беше на страна на противникот.Во 35. минута по центаршут од слободен удар на Трајковски со глава крај голот биеше Елмас. Конечно 1:0 за Македонија во 40. минута. Дарко Велковски беше најснаодлив во шеснаесетникот на Лихтенштајн и ја затресе мрежата, откако по корнерот на Трајковски шутираше Чурлинов, а потоа и Кире Ристевски. Во второто полувреме продолжи целосната доминација на македонската репрезентација. Во 66. минута, Аријан Адеми беше фаулиран во шеснаесетникот и судијата по консултација со ВАР системот покажа пенал за Македонија. Езѓан Алиоски беше сигурен реализатор на најстрогата казна.  Во 74. минута, 3:0 за Македонија. Бобан Николов прекрасно се ослободи од својот чувар и биеше прецизно во мрежата на Лихтенштајн. Две минути подоцна Бојан Миовски во своето деби за А тимот имаше одлична прилика, шутираше со глава, но Бухел ја спречи неговата радост. Домашниот голман во 79. минута го одбрани и ударот од далечина на Николов. Во 89. минута, Миовски по асистенција на Ашковски беше во нова добра прилика, но шитираше над голот на Лихтенштајн. Последниот обид повторно со удар со глава го имаше Кире Ристевски. 





Сподели го ова:

Слични објави