|

За утре на репертоарот на прилепскиот театар е поставена уште една одлична претстава

Сподели го ова:


























Информативниот портал “STANICA.MK” секогаш Ве известува за најактуелните случувања во Прилеп. Имено, утре 17.11.2023 година во прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”-Прилеп со почеток од 20 часот ќе се одигра претставата “Дупло дно”, претстава за која што постои огромен интерес. Билетите се “трошат како алва”, па затоа ако сакате да уживате во уште едно маестрално – уметничко дело на прилепскиот театар, слободно резервирајте билет на 076/442-378 и уживајте во оваа извонредна претстава.

Дупло дно е подрум во главата. Таму ги криеме сите дупли планови, со која жена да се ожениме ако нашата загине во сообраќајна несреќа, како штедната книшка на брат ни да ја префрлиме на свое име ако тој ненадејно умре, таму се сите скришни прељуби, сè што сме премолчеле, што намерно сме заборавиле, таму е јасно кого колку мрзиме, таму ја криеме сета невера за она во кое јавно се колнеме дека веруваме и сета вера во она од кое јавно се откажуваме, таму се складиштата на суета и страста, нашиот мрак и пораз, таму сме без шминка, без вештачки вилици, без мидери, таму сме грди. Меѓу тоа ѓубре и отпад во нашата глава во длабок сон лежат оковани нашата вистина и слобода, нашата невиност и човечко достоинство. Такви дна имаат и државите, и цивилизациите.

Никој не ги чисти. Растат. Ги напнуваат деветте тешки порти со по девет резиња и катанци. Во дуплото дно се шверцуваме самите себеси и го гледаме својот сопствен шверц како цариници на кои сè им е јасно, но кои не можат да поверуваат дека некој е толку безобразен самиот да се носи себеси, во куфер, илегално, преку сите дозволиви граници. Портите на дуплото дно се кршат со глава. Со психоза – артистика или психоза – шизоафектива или психоза – револуционариа. Главата се крши и крвари, како шампањско при поринување на брод. Историјата на светот е историја на дупнати дна. Еден ден дното и дуплото дно конечно ќе се спојат. Тогаш веќе ќе нема душевно болни уметници и терористи. Гледајте се право во очи. Седум секунди. 13 секунди. 15 секунди. Она страшното што го гледаме во огледало кога гледаме во себе е дуплото дно. 

Прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” вчера вечерта ја одржа новата премиера на претставата “Дупло дно” oд Горан Стефановски, а вечерва повторно “Дупло дно”, е поставена на репертоарот на прилепскиот театар, со почеток во 20 часот.

ДУПЛО ДНО
Горан Стефановски,

Режисер, дизајн на сцена и костими: Наташа Поплавска
Композитор: Ристо Вртев
Драматург: Ивана Нелковска
Дизајнер на светло: Милчо Александров
Дизајн на плакат и програма: Бојана Артиновска – Трпческа

Играат:
КАТЕРИНА ЧАКМАКОСКА-КЛИНЧЕСКА – Кристина
ДАНИЕЛА ИВАНОСКА – Параскева
ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ – Божо
ИГОР ТРПЧЕСКИ – Јаков
ЗОРАН ИВАНОСКИ – Лудакот
МИХАЈЛО МИЛЕНКОСКИ – Нове

Дупло дно бенд:
Томе Темелкоски – гитара, звучни ефекти;
Методија Костоски -клавијатури, звучни ефекти , бас гитара;
Ана Митоска – пијано, ксилофон, вокал; Филип Јездиќ – тапани, перкусии

(Театарска пасија во три става и кода)




Сподели го ова:

Слични објави