Во Прилеп, јапонскиот Амбасадор на гитара свиреше македонска народна песна!

Јапонскиот Амбасадор Оцука Казуја, денеска беше во посета на Прилеп, каде прилепчани ги почести свиреќи им на гитара – стара македонска народна песна.
“На средбата имав прилика да го запознаам почитуваниот Амбасадор за актуелната ситуација во нашата општина, за можностите со кои располагаме, за природните богатства за туристичките и стопанските потенцијали кои ги нудиме како општина Прилеп и за тоа каде би можеле да ја насочиме нашата идна соработка.
Заедно ја посетивме изложбата „Јапонскиот лебдечки свет-UKIYO-E во Центарот за култура Марко Цепенков.
За нас претставува огромна чест што имаме поставка на ваква импресивна изложба во нашиот град, и што можеме одблиску да се запознаме со јапонската уметност, која навистина е врвна и припаѓа во редот на светско културно наследство. Прилеп како град на културата, отсекогаш знаел да ги цени и почитува културните вредности кои го збогатуваат духот и создаваат взаемна конекција со останатите култури и со уметноста, особено онаа која е инспирирана од убавината на животот, како што е прикажана токму, на оваа изложба.
Исто така заедно го посетивме и Музејот на тутун во Прилеп, кој што претставува Музеј на приказни и од огромно значење за Прилеп, затоа што нашиот Музеј за тутун е втор по големина и значење во Европа.
Во името на Општина Прилеп јас изразив честитки за 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Јапонија и искрено се надевам дека ова продлабочување на нашата искрена и пријателска соработка во иднина ќе резултира со заеднички проекти за нашата општина” – истакна прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.