Во прекрасниот и духовен амбиент на црквата „Св. Недела“ беше промовиран дигиталниот проект „Светлина на верата“ – посветен на духовните светилишта, цркви и манастири во Охрид и Дебрца

Сподели го ова:





























Во прекрасниот и духовен амбиент на црквата „Св. Недела“ во Оровник, на 30.05.2026 година беа промовирани два исклучително значајни младински проекти реализирани од учениците и менторите од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид.

На промоцијата на проектите ѝ претходеше богата културно-уметничка програма во која учество зедоа групата „Мерак Чалгии“, Детскиот црковен хор „Православна младина“ од Враништа, КУД „Далги“ при ЗП од Охрид и Дебрца, младиот и талентиран Лео Нелоски, како и КУД „Ѓердан“ од Охрид, кои преку музика, песна и традиционална игра создадоа незаборавна атмосфера исполнета со духовност, традиција и љубов кон македонското културно наследство.

Пред присутните гости беше претставена веб платформата „Светлина на верата“ – современ дигитален проект посветен на духовните светилишта, цркви и манастири во Охрид и Дебрца, создаден со цел зачувување, промоција и доближување на духовното и културното наследство до младите генерации.

Воедно беше промовиран и филмот „Приказна за една охридска свадба“, инспириран од богатата охридска традиција, обичаи и културно наследство, преку кој младите испратија силна порака дека традицијата треба да се негува, раскажува и пренесува.

Проектот беше поддржан од страна на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој не само финансиски и логистички, туку и со искрена поддршка за младите, културата и духовните вредности, даде значаен придонес во реализацијата на овие проекти.

Поддршка и несебична помош беше дадена и од Општина Дебрца, од црковниот одбор на манастирот „Св. Недела“, како и од добронамерните жители на Оровник и околните села, кои уште еднаш покажаа дека кога се работи со љубов кон верата, традицијата и културното наследство – заедништвото создава вредности што остануваат.

Посебна чест за сите присутни беше присуството на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј, кој со својата поддршка, благослов и внимание даде дополнителна духовна тежина и значење на овој настан, покажувајќи дека Црквата секогаш стои покрај младите, културата и вистинските вредности.

Настанот покажа дека кога младите творат со љубов, почит и инспирација, се создаваат дела кои остануваат.




Сподели го ова:

Слични објави